На фестивалот до крајот на месецот освен „Боеми“, публиката ќе има можност да ги чуе и оперите „Тоска“, „Змејот од Босна“, „Турандот“, оперски гала-концерт и традиционално на затворањето, Вердиевата „Аида“

Под мотото „Го славиме Пучини“ утревечер со изведба на операта „Боеми“ ќе се отвори 46-то издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“. Во реализација на оваа опера од Пучини учествува целосно македонска солистичка екипа – главните улоги на Родолфо и Мими ќе ги пеат Ѓорѓи Цуцковски и Благица Поп Томова, а ќе ги чуеме и Горан Начевски (Марчело), Ристе Велков (Шонар), Катерина Стојановска (Мизета) и др. Режисер е Дејан Прошев, сценографијата е на Зоран Николовски, а костимите на Марија Пупучевска. Диригент е Џанлука Мартиненги од Италија.

– Уште кога дојдов на функција како раководител на дирекцијата на Операта, сакав да ја вратиме операта „Боеми“ на сцената на МОБ. Исклучително се радувам што токму со ова дело на Пучини се отвора овогодишното издание на „Мајските оперски вечери“ и тоа со целосно домашна солистичка екипа – вели Бисера Чадловска, директорка на Операта.
Режисерот Дејан Прошев вели дека е почестен што ја поставува оваа опера на нашата сцена.
– Голема чест ми беше да работам на поставувањето на „Боеми“ на нашата сцена на отворањето на „Мајските оперски вечери“, посебно на изданието што го слави опусот на овој фантастичен композитор. „Боеми“ е комплексна опера, имавме одлична соработка со солистите, фантастична атмосфера на пробите. Мислам дека направивме одлична претстава – вели Прошев.
Сопранистката Благица Поп Томова ќе ја пее главната улога во оваа поставка на „Боеми“.

– Отсекогаш сакав да ја пеам оваа улога, се радувам што конечно се оствари мојот сон – вели таа.
Улога на Родолфо, како што вели Ѓорѓи Цуцковски е врв во оперската литература.
– Одговорноста е голема, се надевам дека публиката ќе биде задоволна од нашата изведба – вели Цуцковски.
Сопраниската Катерина Стојановска ќе ја пее улогата на Мизета.
– Станува збор за многу изискувачка улога, која бара и многу движења на сцената – вели таа.
Баритонот Горан Начевски по осум години пауза повторно пее на сцената на МОБ.
– Возбуден сум што ќе пеам во ваква солистичка екипа на отворањето на „Мајските оперски вечери“ – вели тој.

На фестивалот до крајот на месецот освен „Боеми“, публиката ќе има можност да ги чуе и оперите „Тоска“, „Змејот од Босна“, „Турандот“,оперски гала-концерт и традиционално на затворањето Вердиевата „Аида“. Ќе има и неколку изложби и промоции, како и балетски гала-концерт на кој ќе бидат изведени најубавите фрагменти од балетската литература.
– На овој балетски гала-концерт ќе учествуваат домашни солисти, но и гости од Србија, Бугарија и од Хрватска – вели Олга Панго, директорка на Балетот.