Во Камерната сала на Филхармонија в петок, на 8 ноември, во 20 часот ќе настапи гитарското „Трио Елогио“, основано од тројца исклучителни гитаристи – Петрит Чеку (Косово), Педро Рибеиро Родригез (Португалија) и Томислав Вукшиќ (Хрватска). На програмата се дела од Моцарт, Руждјак, Рахмањинов, Шуберт…

Триото реализира голем број концерти особено на европските фестивали. Посебен придонес даваат за зачувување на хрватското звучно творештво, а неодамна го снимија и нивното ново цеде со дела од Моцарт, Руждјак и Дворжак.

Петрит Чеку (1985) е роден во Косово каде што го почнал музичкото образование, а кога се преселил во Загреб (2002) продолжил да студира на тамошната музичка академија, каде што и дипломирал. Од 2009 до 2013 година се усовршувал на Конзерваториумот „Пибоди“ во Балтимор. Неговиот исклучителен сензибилитет и експресивност ја привлекуваат публиката и критичарите ширум светот.

Томислав Вукшиќ (Загреб, 1980) дипломирал гитара во Загреб, а постдипломските студии ги завршил на Кралскиот конзерваториум во Ден Хаг, кога му е доделна престижна стипендија за талентирани студенти. Добитник е на неколку награди на хрватските државни и меѓународни натпревари за гитара, а во моментов работи како доцент на Музичката академија во Загреб.

Педро Рибеиро Родригез е класичен гитарист од Португалија и делува како солист, камерен музичар, педагог и аранжер. На својот прв носач на звук („Нумерика“ 2013) ги изведува сонатите на Карлос Сеиксас во сопствена обработка за гитара, што е единствената солистичка гитарска снимка во целост посветена на тој португалски композитор.