Фото: Зоран Антоски

На изложбата што вечерва со почеток во 18 часот, ќе биде отворена во уметничкиот салон од Центарот за култура, ќе бидат претставени творбите изработени на шестата Младинска керамичка работилница, што на почетокот на октомври работеше во село Вранештица, Kичевско.

Учесници на оваа работилница беа средношколци од ОСУ „Мирко Милески“ и ОСУ „Дрита“ Кичево и ДСУУД „Лазар Личеноски“ од Скопје.

Секој од учениците на оваа работилница имаше обврска да изработи три предмети од керамика, кои покрај во Кичево, најверојатно ќе бидат претставени и во главниот град, во салонот на училиштето од каде што доаѓаат учениците на работилницата. Овој pроект финансиски е подржан од Министерството за култура, а го организира Центарот за култура од Кичево.

– Овој проект има за цел да придонесе за културна дисперзија и развој на руралните средини, а најмногу за опстанок на оваа автентична традиција, што ќе овозможи и поголем економски и културен развој на општината, и што ќе ги поттикне младите да останат тука, наместо да се селат во главниот град или во странство – истакнаа од Центарот за култура во Кичево.

Во Вранештица овој занает егзистира со векови и токму младите и талентирани керамичари ќе бидат сукцесори на овој прастар занает, чии почетоци датираат од времето од пред 5.000 години. З.А.