Изложба на дела од семејството Вујисиќ ќе биде отворена денеска од 13.30 часот во ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. Со дел од своето творештво ќе се претстават Мирко Вујисиќ, Лидија Вујисиќ и Марко Вујисиќ.

Според Срѓан Марковиќ, прилепчани ќе проследат дела од академскиот уметник Мирко, кој реализирал 23 самостојни изложби во земјата и во странство со графики цртежи и слики. Тој учествувал на преку 80 групни изложби и добитник е на бројни награди преку кои создава визуелен исказ врз чувствител, суптилен колорит, во кој се среќаваат и вплотуваат спротивностите помеѓу автоматскиот принцип на бележење на импулсите и
воспоставување на рамниште со длабоки лавиринти во сопственото битие.

Изложените дела од академскиот уметник Лидија Вујисиќ се изработени во цртачката техника во пастел. Тематски го заокружува концептот од циклусот насловен како „Ние во огледала“ каде што се претставени галерија на ликови од професионалните дејности од сфера на културата : музика, актерство и ликовни уметности. Таа реализирала бројни изложби во земјата и во странство и добитник е на повеќе признанија за нејзиното творештво.

Според кустосот Сашо Блажески, прецизното рушење на раличните скалила на типови на реалност изразени преку високи хроматски температури и композиционалната напрегнатост визави композиционалната смираност ги бележат примарните ликовни иницијации кај делата на Марко Вујисиќ, кој професионално се занимава со графички дизајн, сликарство, графика, повремено изработува графити и мурали. И тројцата се членови на ДЛУМ. Ка.М.