Новата книга „Златоусно слово“ на познатиот македонски писател Васил Тоциновски, добитник на наградата „Книжевен круг 2018“ за книжевна критика, која содржи деветнаесет книжевно-историски студии во кои се расветлуваат и вреднуваат значајни автори и дела од македонската книжевност на 19 и 20 век, веќе им е достапна и на белградските читатели. Во Градската библиотека на Белград, книгата беше промовирана од Снежана Алексиќ Станојловиќ и од Искра Пенева на годинашното одбележување на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, 21 февруари.

– Животните и творечки врвици на значајните автори и дела од македонската книжевност на 19 и 20 век, Тоциновски ги расветлува низ нови архивски истражувања во земјата и во странство со најинтригантното прашање во светската книжевност – дводомните писатели. Тоа се творци што не разградуваат, туку со одговорноста пред пишаниот збор градат нови патишта, кои инсистираат за рамноправни димензии на слободниот, среќен и творечки дух. Авторот рамноправно ги претпочита оригиналните поетики и македонските писатели компаративно како естетска вредност ги елаборира со автори и дела од балканскиот и пошироко од европскиот регион. Врховно правило за Тоциновски во книжевната наука е аргументот што постојано открива и идентификува нови страници за вистината. За неа како што пишува тој, сите зборуваат оти сакаат само неа да ја слушнат, а всушност сите бегаат од неа.

Литературата непосредно извира и го одразува животот, но таа отсекогаш била и останува нешто повеќе од обичниот живот. Човекот и зборот, просторот и времето во трудот „Златоусно слово“ трагаат по трајните вредности и убавини на пишаниот мајчин јазик што останува трајна трага за времињата, настаните и луѓето што некогаш биле живот – посочија промоторките.

Здружението на Македонците во Белград „Македониум“ беше организатор на промоцијата, а неговата претседателка, Елисавета Стојановска Ивановиќ и модераторот Ранко Бебекоски во таа пригода го претставија Васил Тоциновски како познат автор, кој постојано гради мостови на соработка, доверба и почит меѓу народите и државите.