Музејот на современата уметност почна со серијата експертски разговори, во рамките на Европското номадско биенале за современа уметност – „Манифеста14“, проект во Западен Балкан, под наслов „Експертски дискусии – Општествено ангажирана уметност во новата реалност“.
Иако седиштето на ова издание на „Манифеста“ е лоцирано во Приштина, Косово, биеналето ќе се реализира и во други градови од Западен Балкан.
Музејот на современата уметност – Скопје годинава е една од партнерските институции на 14. Европското номадско биенале – „Манифеста“.
Говорници на настанот ќе бидат: Сантиаго Забала (професор по филозофија на Универзитетот „Помпеу Фабра“ во Барселона и автор на многу релевантни книги), Шираз Гринбаум (фотографка и уредничка, која работи со колективот „Активстилс“), Орен Зив (репортер и фотограф на магазинот „Локал кол l и +972“ и коосновач на колективот „Активстилс“), Јонас Стаал (визуелен уметник чија работа се фокусира на релациите помеѓу уметноста, пропагандата и демократијата) и Филипо Минели (уметник со истражувачки интереси фокусирани на пејзажот и јавната сфера).

Темата на овие разговори е општествено ангажирана уметност во новата реалност.
– Неопходно е да се сосредоточиме на методите на образување, уметничките и кураторските практики во ерата на „новата реалност“, обликувана од серија настани во текот на 2020 и 2021 година, како што се пандемијата, затворените граници, погрешните политики кон животната средина… Овој предизвикувачки контекст не само што создава состојба на „политичка вонредност“ туку и форми на уметнички практики, кои изразуваат „состојба на вонредност“, генерирајќи исто така можности за културните институции во репрезентирањето на овие случувања. Оттаму, во конкретните услови и надминување на конвенционалните дебати на кураторските практики, музејскиот простор, изложбите, колекциите и публиката, треба да се насочиме на уметничките практики, кои се општествено ангажирани, како и на улогата на музеите во ангажманот на заедницата – велат организаторите на настанот.