Боливиски оркестар заглавен во германски замок

Звуци од панови фрули, флејти и барабани го исполнуваат просторот за проби на составот наречен „Оркеста експериментал де инструментос нативос“.
– Техниките на дишење бараат овие инструменти да се свират по неколку часа за да влезете во транс – вели Мигуел Кордоба, кој свири сика флејта.
Но штом ќе заврши пробата, членовите на „Оркеста експериментал де инструментос нативос“ во голема мера стануваат свесни колку им се променил животот, бидејќи не пробуваат дома во Ла Паз, во Боливија, туку во сенката на германскиот замок каде што останаа заглавени 73 дена. Овие музичари, од кои повеќето никогаш претходно не ја напуштале Боливија, требаше оваа пролет да поминат само две недели на турнеја по германските концертни сали. Наместо тоа, како што забележа Би-би-си, влегоа во зградите и дворовите на пространиот имот на палатата „Рајсенберг“, замок со опасен ров, кој им беше дом на генерации германски членови на кралското семејство и аристократијата, а се наоѓа на час и половина возење западно од Берлин.

Кога музичарите, од кои некои имаат само 17 години, слетале во Германија на 10 март за да ја започнат турнејата, во вестите било соопштено дека Берлин станал седмата германска регија, која вовела забрана за собирање од 1.000 луѓе, како реакција на пандемијата на коронавирусот.
– Автобусот ни се расипа на автопатот. Се сеќавам дека се пошегував дека ова е малер и дека концертите можеби ќе ни бидат откажани, но навистина не мислев дека ќе се случи тоа – се потсетува Карлос.
Во следните денови биле откажани трите нивни планирани настапи, а кога боливиската влада соопштила дека ќе ги затвори своите граници, оркестарот се обидел да отпатува дома, но не успеал во тоа. По забраната за масовно собирање во Германија, набргу следувала целосна блокада, што значело дека на музичарите им е дозволено само да одат до шумата што го ограничува периметарот на имотот.

И така тие слободното време го минуваат вежбајќи во скоро шестотини години старата палата и истражувајќи ги блиските шуми, дом за 23 волчи глутници. Дури минатата недела првпат добија можност да влезат внатре во замокот, кога повторно се отворија турите за јавност.
– Многу се разликува од мојот дом, многу е убаво. Има и полоши места на кои може да бидете затворени. Кога ќе се разбудам, го гледам изгрејсонцето над шумата и езерото. Дома слушам само звуци од сообраќајот – вели 25-годишниот Мигуел.
Но и покрај питорескната природна околина, музичарите се загрижени дека се заборавени.

– Се чувствуваме напуштено – вели Карлос, кој поминал неколку залудни часови на телефон со боливиската амбасада обидувајќи се да организира пат до дома.
Групата била само една недела во Германија кога боливискиот претседател соопштил дека за неколку дена границите на оваа земја ќе се затворат, а сите меѓународни летови ќе бидат откажани. Германското министерство за надворешни работи и боливискатa амбасада брзо договориле на оркестарот да му бидат резервирани места на еден од последните летови од Германија за Јужна Америка, со слетување во Лима, во Перу. Групата отпрвин почувствувала олеснување.
– Додека бевме на пат за аеродром, сите уште бевме добро расположени, се смеевме, разговаравме – вели Кармед Мартела (20).

Но тогаш Карлос добил повик во кој му било речено дека летот е откажан затоа што на авионот не му е дозволено да слета во Перу.
– Расположението одеднаш спласна, сите во автобусот замолкнаа – вели Карлос. Од тој момент, 9.656-те километри меѓу Германија и Боливија никогаш не изгледале подалечни. Трејси Прадо, која на оркестарот му се приклучила дури во декември, се потсетува како размислувала за единаесеттиот роденден на својата ќерка, кој бил за неколку недели.
– А само што се понадевав и беше страшно да помислам дека ќе пропуштам еден толку важен ден – вели таа.

Групата одлучила дека единствен начин да се изборат со ова ќе биде да се воспостави строг режим на проби, три часа пред и три часа по ручекот, експериментирајќи со фузија на традиционална музика од Андите и со современи жанрови. Карлос смета дека суштината на музиката на староседелците е принципот на заедништво, секој може да земе нешто од себе и да ѝ го понуди тоа на целата група.
– Се чувствувате исто како што се чувствувале вашите предци кога ги свиреле овие традиционални инструменти, што е прекрасно – додава Мигуел, чии корени достигнуваат до боливискиот народ Калаваја, познат по церемонии на музичко исцелување.

Некои членови на оркестарот разговараат со семејствата во Боливија. За други, комуникацијата е скоро невозможна, бидејќи интернетот и телефонските врски слабеат надвор од главните боливиски градови. Многумина од музичарите играат клучна улога во финансиската поддршка на своите семејства, а тоа што не можат да го прават тоа во овој момент само ја зголемува нивната нервоза.
Во интервју за клучната боливиска станица Панамерикана, министерката за надворешни работи Карен Лонгариќ била запрашана за коментар за случајот со оркестарот, откако вознемирена мајка на еден од музичарите ја повикала во програмата. Лонгариќ рекла дека оркестарот отпатувал знаејќи дека границите наскоро ќе бидат затворени, иако Боливија немала ниеден забележан случај на коронавирус на денот кога тие отпатувале. Таа рекла и дека приоритет на Владата се некои други работи: враќање во земјата на „најзагрозените – жените, децата, болните и старите“. Карлос вели дека изгледа дека дома во Боливија има многу малку разбирање за нивната ситуација.

– Луѓето дома мислат дека ние сме во некоја земја од бајките. Добив стотици пораки во кои ми е речено да престанам да се жалам и дека живеам како принцеза во некој германски замок – рекол тој, превртувајќи со очите.
Кармед е разочаран што не добиле можност да настапуваат како што било планирано.
– Се подготвувавме од јануари, така што паднав во депресија кога гледав како сѐ она за што се подготвувавме пропаѓа на овој начин. Оркестарот ми помогна да застанам на нозе откако умре татко ми. Моето семејство се гордееше со мене откако слушна дека летам за Европа за да ја свирам музиката на својата земја – рекол тој.
Гратчето со само 8.000 жители, чие име исто така е Рајсенберг, главно е отворено кон боливиските посетители, иако по малку е збунето од нивното присуство.
– Кога ќе излезам од хостелот сам, станувам по малку самосвесен.

Понекогаш ми упатуваат чудни погледи, а луѓето застануваат и зјапаат – вели Кармед.
Некои одат подалеку од подигнати веѓи, можеби збунети од фактот дека музичарите изгледаат како да не ги почитуваат германските правила за физичко дистанцирање, бидејќи можеби веднаш не е очигледно дека им е дозволено да се класифицираат како семејна група. Тој вели дека во една пригода Боливијците одиграле фудбалски натпревар на полјанката пред замокот. Наскоро се нашле опколени со шест полицајци во „полна опрема за разбивање демонстрации, само без шлемови“.
– Дојдоа од лево и од десно, почнаа да нѐ опколуваат и стана малку напнато. На крајот ни рекоа дека не смееме да се собираме во толку голема група, но ништо не беше премногу сериозно – вели Мигуел.

Тимо цврсто решил да им помогне на музичарите, за да им се оддолжи за нивното гостопримство кога бил со нив во Ла Паз во октомври. Тамошните насилни протести доведоа до оставка на претседателот, а Карлос и оркестарот му помогнале на Тимо да се префрли во Перу. Персоналот од кујната во гостинската куќа во која живеат музичарите доаѓа на работа во маски и одржува дистанца од боливиските гости.
– Многу сме благодарни за храната и за покривот над глава – вели Трејси и шпекулира дека е ретка во групата, која ужива во локалните специјалитети.
И се разбира, имаат шума што секогаш можат да ја истражуваат. Трејси вели дека забележала три волци додека неодамна била во прошетка.
– Се вкочанив од страв, но само се играа и заминаа – рече таа.

Не се само волците тие на кои мораат да внимаваат. Еден од поранешните станари на палатата бил Фредерик Велики, кој ја добил сопственоста над имотот од татко му во 1736 година, пред да седне на престолот, a времето поминато во Рајсенберг го опишал како своите „најсреќни денови“. Музичарите во голема мера се свесни за претходните станари на палатата, вклучувајќи го и Фредерик Велики. Еден близок негов пријател, потсетувајќи се на импресиите за Рајсенберг, напишал дека „вечерите биле посветени на музиката. Принцот држел концерти во салонот, каде што никому не му е дозволено да влезе доколку не е повикан. Еден од оние што настапувале наводно бил Јохан Себастијан Бах.

– Сите се шегуваме дека Фредериковиот дух нѐ следи и се обидува да нѐ саботира. Обично не верувам во такви работи, но навистина понекогаш имаме чувство дека има духови во комплексот – вели Кармед.
Како што се менуваше годишното време од пролет во лето, дебелата облека на музичарите спакувана во очекување на студено време станала претопла за шетање по имотот. Но една загрижена боливиска иселеничка, која живее во Хамбург, им помогнала на овој план.
– Собра големи купишта облека и ни ги испрати. Досега добивме седум големи кутии, можеби и премногу, можеби ќе мора да ги вратиме или да ги проследиме до некој друг кому ќе му бидат попотребни – вели Карлос.

Но и покрај великодушноста и добрата волја, оркестарот се грижи дека нивниот престој овде нема да може да биде финансиран долго.
– Трошоците за сместување надминаа 35.000 евра месечно – вели Силвија Ферман, шефица на поранешната берлинска програма за уметници при Германската служба за академска размена, една од неколкуте јавни установи што помогна за неочекуваниот продолжен престој на оркестарoт.
Германија повторно почна да дозволува меѓународни летови, но боливиските граници остануваат затворени во скоро време. Боливиската амбасада за Би-би-си изјавила дека се обидува да го смести оркестарот на лет за Боливија на почетокот од јуни од Мадрид. Но Карлос се грижи и како ќе изгледаат работите кога еднаш ќе се вратат дома.

– Ковид-19 стана многу исполитизирано прашање дома – вели Карлос.
Боливиската влада ги одложи претседателските избори закажани за март и подоцна се обиде да воведе декрет со кој ја ограничува слободата на изразување и критиките на сметка на решавање на кризата со коронавирусот и во тоа не успеа.
– Го сонувам денот кога ќе се најдам во својот кревет во Боливија и ќе речам, во ред, сега е готово, но знам дека тој ден ќе почне да ми недостига сето она што се случува овде – признава Карлос.