Краткометражниот филм „Еден тон сладолед“ на режисерката Сандра Ѓоргиева, чие снимање заврши на почетокот на август, освои награда на Сараевскиот филмски фестивал, во програмата „Пак енд пич“, како проект во фаза на изработка, каде што младите филмски работници може да ги претстават своите проекти. Ова е второ нејзино учество на овој фестивал, по она со филмот „Зелени ѕидови, црна храна“ во 2015 година, во официјална документарна програма.

За што станува збор во филмот и како стигна до награда во Сараево?
– „Еден тон сладолед“ е филм за психолошката борба на младото момче Ведран, кое постојано има потреба да се извинува така што купува сладолед, но не успева во тоа затоа што сладоледот упорно се топи на жешкото време. За што се извинува и која му е целта, се дознава подоцна во филмот. Сладоледот како елемент го користам за полесно да ги доловам градацијата и апсурдот на топење, односно сизифовската мака. Филмот е продуциран од „Охо продукција“, а е поддржан од Агенцијата за филм. Сценариото го пишував заедно со Јаков Поповски. Во Сараево на наградата претходеа пет дена интензивна работа, со висококомпетентни ментори, кои ни помогнаа најдобро што можеме во само пет минути да ги кажеме најважните работи за филмот. Имав мала трема пред сите тие луѓе од филмската индустрија, но додека зборував за темата на филмот, можев да ја почувствувам публиката како ме слуша и дека го имам нејзиното внимание. Тоа во тој момент ми даде мотивација и продолжив со самодоверба. Многу сум задоволна од целото тоа искуство, од тимот со кој работев и целата енергија на фестивалот.

Во која фаза е сега „Еден тон сладолед“?
– Филмот го завршивме со снимање неколку дена пред да отпатувам за Сараево. Следна е фазата на постпродукција, односно монтажа, звук, колор, музика… И на крајот, најслаткото, да се спакува и да се пушти надвор, надежно, пред поголема публика.

Наградата, всушност, се состои од постпродукција на звук…
– Наградата се додели врз база на самото претставување на филмот, сѐ уште неизмонтиран. Многу сум среќна што публиката и жирито знаеја да ја препознаат вредноста на филмот и на приказната, иако не беше целосно завршен. Филмот сега ќе се доработи во студиото „Челиа“ за постпродукција на звук, но добро е што доби видливост уште пред целосното завршување. Ова е заедничка награда на целата авторска и актерска екипа што стои зад филмот.

По мјузиклот „Црно и бело“, повторно главен лик во ваш филм е Јелена Јованова…
– Да, и премногу сум благодарна што повторно ја имав можноста да соработувам со неа. Таа беше вклучена од почетокот на годината, уште пред да се заклучи финално сценариото. Таа дискутира, предлага и размислува за секој поединечен збор или гест на својот лик, но на другите ликови во контекст на приказната. Тоа што живееме во различни држави, ни за претходниот, ни за овој филм, не го доживеавме како бариера. Таа ми е синоним за врвен професионалец.

Снимивте филм за само пет дена, како успевате во тоа за толку кратко време?
– Снимањето беше цело доживување, доста предизвикувачко за сите, а особено за мене како млад режисер. Имаше работи што ја отежнуваа работата, како високите температури и фактот дека имавме сладолед како елемент. Но, за среќа, и работи што олеснуваа, на пример младата актерка Јована Иванова, иако има само пет години, беше трпелива и енергична и навистина немавме никаков проблем, иако, искрено, стравував да работам со дете на таа возраст. Бодан Киранџиски се покажа како професионалец, кој како со години да е на сет, иако ова му беше второ појавување на професионален филм. За одличниот каст е заслужен темелниот кастинг на прекрасната Билјана Д. Пројковска. Ова ми беше прво снимачко искуство со директорот на фотографија Ѓорги Клинчаров и имавме одлична соработка. Од целата екипа наидов на поддршка, размена на идеи, трпеливост и креативност.

Кои се амбициите на „Еден тон сладолед“?
– Ќе излажам ако кажам дека немам амбиции во поглед на проекции на фестивали. Тоа е сонот на секој што се занимава со уметност, делото да му излезе пред широка публика. Но повеќе од тоа, искрено, сакам публиката да се соживее со вистинската идеја зад филмот, а тоа не е сладолед. Тоа е еден многу важен општествен проблем со кој секојдневно се соочуваме и за кој секојдневно читаме. И луѓето на позиции и одговорни за тоа, малку да се размрдаат и да си ја вршат работата. Сочувство, гнев, емпатија и желба да се зборува почесто за проблемот што и во 21 век постои кај нас.