Посети го музејот
Народниот музеј од Велес е организација од посебен општествен интерес. Формиран е во 1946 година, по иницијатива на гимназискиот професор Ѓорѓи Милошев – г.г. Гаврил и бил сместен во просториите на гимназијата „Кочо Рацин“. Првата музејска поставка на Градскиот народен музеј била отворена на 26.5.1946 година и располагала со богат музејски фонд, а меѓу позначајните музејски експонати биле книгата „Огледало“ од Кирил Пејчиновиќ од 1816 година, „Еврејското учение“ од 1838 година, оригиналните ракописи на Ј.Х.К-Џинот, Кочо Рацин, археолошки предмети од Стоби и др.
Во февруари 1951 година, музејот станува околиски и ја покривал територијата на целото Повардарие и Дојран. Подоцна, во 1953 г., кога музејот добива простории во центарот на градот во куќата на Пенини, предметите во поголем дел се пренесени во постојаната поставка со 3.000 предмети и лапидариум, а дел се однесени во МАНУ. По расформирањето на околиите во 1965 г., музејот станува Градски музеј на Титов Велес и е сместен во просториите во кој и денес се наоѓа. Oдделенијата што функционираат во институцијата за историја, историја на уметноста, археологија и етнологија имаат поставки на трите ката во музејот.
На првиот кат е поставка од Археолошкото одделение со поставени артефакти од праисторијата до среден век. На вториот кат се поставките од историја и историја на уметноста каде што се поставени фотографии, цртежи, графики и макети од старата велешка архитектура. Историската поставка го опфаќа периодот од средината на 19 век, па сѐ до ослободувањето и изградбата на нашата држава и повоената изградба и економскиот развој на градот Велес. Збирката е претставена преку фотографии, документи и предмети (оружје и воена опрема) од горенаведениот период. На третиот кат е Етнолошкото одделение. Етнолошката збирка содржи предмети што го карактеризираат севкупното живеење во Велес и неговата околина. Збирката е претставена преку предмети (народни носии, предмети за домаќинство, накит и др.) од Велес и неговата поширока околина. Во поставката може да се види реконструкција на стара селска просторија и просторија од градска куќа. Исто така во составот на музејот е и Ликовниот салон, каде што често се одржуваат изложби и други културни настани.