Белградската актерката Неда Арнериќ (1953-2020), еден од најпознатите ликови во некогашната југословенска кинематографија, остави траен белег и во македонскиот филм, особено во 1970-тите години. Нејзиното прво појавување на филм било во 1966 година, со неполни 14 години, и заедно со Славко Штимац беа првите вистински детски ѕвезди на југословенската кинематографија. Во нејзина чест Кинотеката ќе прикаже 4 играни филмови.
Вечерва, во 18 часот, на програмата е „Време без војна“ (1969 г.), во режија на Бранко Ивановски Гапо, а по сценарио на Симон Дракул. Покрај Арнериќ во филмот играат: Ацо Јовановски, Дарко Дамевски, Кирил Ќортошев, Шишман Ангеловски, Слободан Димитриевиќ. Награда за млад артист за филмот доби Неда Арнериќ во 1969 г., а Бранко Гапо ја доби наградата „13 Ноември“ за режијата. Од 20 часот, ќе биде прикажан „Истрел“ (1972 г.), исто така во режија на Бранко Гапо, во кој играат и Емил Рубен, Мајда Тушар, Петар Арсовски, Ристо Шишков и др. Филмот е награден со „златна арена“ во Пула во 1972 година.
В сабота, на програмата на Кинотеката се „Татко (колнати сме Ирина)“ (1973 г.) во режија на Коле Ангеловски, со Велимир Бата Живоиновиќ, Мето Јовановски, и Ненад Милосављевиќ и „Исправи се Делфина“ (1977 г.) во режија на Александар Ѓурчинов, со Дарко Дамевски, Диме Илиев, Слободан Димитриевиќ, Столе Аранѓеловиќ, покрај Неда Арнериќ. Филмот доби многу награди на Пулскиот филмски фестивал таа година.