Годините на предавството не се бројат. И предавниците исто така. Зад нив остануваат штетите и барањата и задоволствата на туѓинците. За нив нема заборав / Фото: „Нова Македонија“

Автор на фељтонот е д-р Петре Наковски, родум од селото Крчишта, Костурско, егејскиот дел на Македонија, роден на 17.7.1937 – романсиер и преведувач од полски јазик, публицист и дипломат. Тој бил прв македонски амбасадор во Полска. Десет години бил новинар во весникот „Нова Македонија“. Докторирал на Институтот за политички науки на Вроцлавскиот универзитет во Полска. Автор е на голем број прилози од прозната белетристика и публицистиката во периодиката. Автор е и на мемоарско-социолошкиот труд „Македонските деца во Полска“. Прозата му се одликува со сурова фактографија за трагедијата на Македонците во текот на Граѓанската војна од 1946 до 1949 г. во Грција и со смисла за градба на впечатливи ликови, носители на возбудливи животни приказни. Библиографија: „Постела за чемерните“ (1985), „И каменот е земја“ (1988), „Големата удолница“ (2003), „Големата измама“ (2007), „На пат со времето“ (2010). Добитник е на наградите: „Златно перо“, Награда на полските автори и полските одликувања: „Златен медал за заслуги за полската култура“ и „Златен орден на командоријата“

Имам впечаток дека овие пророчки слова се пишувани денес. На ова што ни се случува и ни се прави денес не им личи друга боја, туку само црна, бидејќи нашинци по мера на туѓинци црно ни ја бележат и ни ја кројат иднината.
Да е жив и здрав умниот Венко Андоновски, кој нѐ потсети на Гане.
,,Ах, што не е жив Гане, да ви каже кои сте, од А до Ш (па обвинете му ја поезијата за говор на омраза): арамии, абдали, акмаци, болигазовци, бесрамници, бесчесници, витосници, вопери, влекачи, гниди, гадури, грабачи, давајгазовци, драпајколчишпта, дибеци, ѓурултаџии, ѓонобрази, ѓозбојаџии, евнуси, евтинџии, есапчии, жонглери, жганови, живодери, замети-зачисти-забриши, испичутури, изроди, измелезени, јавашлии, јагмаџии, јаничари, килави, куртшаци, ќесеџии, незадоени, наакани, неранимајковци, острастени, ороспикефлии, отчовечени, паликуќи, простаци, подлизурковци (прдежи со претензии за громови) растурикуќи, разумогубители, распојасани, сеирџии, сезнајковци, сенештари, токмаци, тепајмајковци и тепајтатковци, ќарлии, ќелеши и ќелепури, ујдурмаџии, утки, укур-костумлии, фејсбук-фанариоти, ѓоџоштаплери, хајкачи, хулниви, цензори, цепеници, шалабајзери, шарлатани, шутраци!“
Сите се наши и меѓу нив голема шепа зло дојденци. Само ги нема тие со јатаганите и партизаните.
Така, де, сите се нашинци и делови од други народи и племиња и понекој од пријателскиот Запад и за да ни биде попријателски некој таму некој си го преместил изгревот на сонцето. Сѐ според крпениот устав и многу очекуваните промени и диктирани измени.
Во мигот кога го пишувам ова ми доаѓа силно и гласно да се помолам: Оче наш, кој си на небесата, слези од небото на земјата викана Македонија, прости ни ги гревовите, вразуми нѐ и на злодојденците покажи им го патот за дома… Амин!
Се молам и само сонувам и во сонот си велам: Дојди, дојди, разбуди се, прероди се партизанска Македонијо!
За сите горенаведени без име и презиме, а се знае кои се, некои велат дека за нив нема лек. Други, пак, се противат и упорно тврдат дека за нив лек има во аптеките на Шутка и Идризово. Белки ќе дочекаме кога ќе стигнат таму, по грмежот на мечтаениот трет Илинден, кој во многу говори, написи и колумни го заговара академик Љупчо Коцарев. Дај боже да му се позлати мислата, словото, зборот, раката, пенкалото, хартијата и да му се исполнат желбата и мечтата. И мојата!

Потсетувајќи се на Преспанскиот договор и неговите последици што веќе следуваат, трагично, до солзи ми прозвучува предупредувачкото прашање на генијалниот Мисирков: Што направивме?
За секој народ патриотизмот е темелен поим во кој е вградена историјата. Ако не ја знаеш историјата на сопствениот народ, не барај и не настојувај да бидеш претседател на државата, премиер на владата и министер и не потпишувај штетни договори. А вие што веќе се дофативте до тие позиции, а и вие што сакате да дојдете, берете ум и не заборавајте дека некој потсети дека не ги фрлил чизмите на буниште, туку ги обесил на таванот и за потсмев или предупредување дека токму сега му е времето за уште едно или повеќе барања. Таа закана или предупредување помина небаре како да е шега, како да е шега и играњето топка во државни простории од тукушто испилени државотворци, небаре е шега и подбивот дека со влегувањето во одбранбено-агресивниот сојуз, за Македонија сонцето ќе изгрева на Запад, дека е шега веењето на знамето на некоја идна голема држава. Новиот астроном, кој скалпелот за кој учел го заменил со креда и на училишна табла убедува што е добро за Северна, му даде шанса на Коперник по векови да се преврти во гробот. И уште. Не затворајте ги очите кога некој пред нос ви отвора клубови, не ви признава минато, род и јазик и некои од вашиот круг бараат побратимство во Уставот со тие што некогаш на градите носеа нацистички обележја и гореа македонски села.
И заменик-министерката да доучи дека еден дел од распарчениот македонски народ е малцинство и без срам бара како малцинство да го внесе во преамбулата на Уставот. Тоа го научила дома, во училница или некој однадвор ѝ го кажал?
И пак ќе речам, патриотизмот не е само темелен поим туку знаење дека тие, од некои наречени Егејци, не се малцинство во државата во која со своето знаење, трудољубивост и чесност, со високоразвиено национално чувство, придржувајќи се на долгата традиција што извира од Кирил и Методиј, Гоце Делчев, Загоричанецот Благоев, Мисирков, Влахов и цела плејада умни и мудри личности, независно од местото на своето живеење и образование, високо го држеа и го држат факелот на македонштината, па оттука имаат вкоренет влог во создавањето на македонската држава.

Несомнено, Преспанскиот договор има историско значење. Времето ќе потврди дали најголема корист ќе имаат малите на Балканот или големите отаде океанот и европските потомци на некогашните колонисти и арамии.
Денес на Запад се дига огромен крик ако се најде гробница од само неколку убиени. Денес никој не се најде да ги открие и да ги отвори масовните гробници во Преспа, во реонот на Вичо и во Лерин. Денес Преспа е заборавена масовна гробница. Денес во Преспа има малку живи Преспанци. Малку се живите Преспанци што доаѓаат во Преспа. Многу се гробовите и гробниците во Преспа, не на Егејци, туку на Македонци.
Кога ќе погледнеш од ридот викан Превалот, пред очите ќе ти легнат целото Мало и Големо Преспанско Езеро и нивната околина и споменот за големото зло. Можеби тогаш и ќе наведнеш глава и ќе се поклониш над преспанските македонски болештини…
Од мене толку, бидејќи други, многу посилни пера ги имаат опишано целата нејзина убавина, страдања, болки, очај, ужас, мечти и надежи. Јас само се нафатив да потсетам на неколку настани од поодамнешното и посегашното време, во кое се ткаеше судбината на Преспа, најмногу отаде граничната линија, а сега и на цела Македонија.
Голема е болката кога ќе се потсетиш дека во таа божја убавина, сега напуштена и жалосна, се натрупани сите болештини на Македонците од дамнешните и сегашните времиња.

Годините на предавството не се бројат. И предавниците исто така. Зад нив остануваат штетите и барањата и задоволствата на туѓинците. За нив нема заборав.
Долго ќе се паметат, како бакнежот на Јуда.
Не заборавајте!
Со сопругата седиме на балконот од нашата вила и не откинуваме поглед од јужниот дел на езерото.
Таму зеленее планината викана Врба. Во птичји лет границата на Македонија со Македонија е далеку околу два километри и оттаму многу блиску и многу, многу далеку oтаде неа се нашите села, нашите растурени куќи, нашите темели под урнатините покриени со бурјанот, трњето, нашите цркви, нашите гробишта, во кои почиваат нашите предци, ридовите, чешмите и изворите, нашите корени. Таму сме со мислите, со духот, со споменот и тагата, која боли…
Иако далеку, ама секогаш блиску и со духот и мислата таму ќе сме додека сме живи.
Нѐ вика родната грутка, нѐвикаат спомените…
Потоа?
Потоа само една порака: Вие што ќе дојдете по нас немојте да го заборавите огништето на вашите предци…

Автор: Петре Наковски

(крај)