Фактот дека некој носи црвен костим и облекува лажна бела брада не е доволен за да се добие титулата Дедо Мраз. За да се стане „вистински“ Дедо Мраз треба да се посетува настава на академијата „Норт лајт Санта“, која се наоѓа во Атланта, Џорџија.
– Постојат два вида Дедо Мраз: професионални и момчиња во црвени костими. Разликата е во тоа што има и такви што сакаат да напредуваат, учат и совладуваат занает – вели Санта Рик, кој ја води академијата.
Покрај тоа, постои Конзерваториум за Дедо Мраз, кој го води Санта Ед. Од 2013 година, повеќе од 2.300 дедомразовци се вклучени во програмата за обука преку интернет. Цените на курсевите се движат од 97 до 347 американски долари. И тоа не е единственото училиште за Дедо Мраз.
Секоја година, повеќе од 200 амбициозни дедомразовци се собираат во училиштето на Чарлс Хауард и присуствуваат на тридневна серија часови, на кои учат за историјата на свети Никола до навиките на ирвасите.
– Многу луѓе мислат дека да се биде Дедо Мраз значи само да се појавиш и да ги ставиш децата да седат во твојот скут. Но она што го правам е многу повеќе од тоа – вели Санта Џим.
Да се биде Дедо Мраз воопшто не е евтино. Џим ја увезува брадата од Швајцарија по цена од 750 американски долари, има појас што чини 400 долари и троши повеќе од 300 долари годишно на хемиско чистење. Трошоците за патување, сместување и облека чинат многу. За квалитетен костим и додатоци, Дедо Мраз треба да потроши најмалку 1.000 долари, а комплет брада од човечка коса се продава од 1.800 до 2.500 долари.