Цунамито предизвикано од вулканската ерупција во островската држава Тонга предизвика значителна штета во главниот град на архипелагот. Како што изјави премиерката на Нов Зеланд Џасинда Ардерн, заканата е помината.

Пацифичкиот центар за предупредување од цунами синоќа соопшти дека заканата од цунами поминала за пацифичките земји, но дека во наредните часови се можни мали промени во нивото на морето.

Цунамито сериозно го погоди северниот брег на Нукуалофа, каде што чамци и големи камења беа исфрлени на брегот, но нема информации за жртви, рече Ардерн, без да каже дали другите острови во архипелагот се оштетени.

Новозеландската премиерка додаде дека во моментов нема значителна ерупција и дека пепелта престанала да паѓа, но не може да се исклучи понатамошна вулканска активност. Таа понуди и помош од нејзината држава.

Во меѓувреме, САД соопштија дека се подготвени да испратат помош за своите пацифички соседи.

Вселенската снимка го покажа времето на ерупцијата на вулканот Хунга Тонга-Хунга Хаапаи во петокот, на еден од ненаселените острови Тонга.

Ерупцијата предизвика цунами што го зафати брегот на Тихиот Океан од Јапонија преку САД до Перу.