Фото: Твитер

Русија ги отфрли обвинувањата дека нејзината интервенција над Украина претставува сериозна закана за глобалната безбедност на храната, а наместо тоа ги обвинува западните санкции.

Западот обвини дека поради војната во Украина блокирани се главните пристаништа во земјата на Црното Море, што сериозно влијае на синџирите за снабдување со храна ширум светот. Украина е главен извозник на пченица, но сега милиони тони жито се заглавени.

– Обидите на Западот сите неволји да ги припише на специјална воена операција и да ја обвини Русија за блокирање на странски бродови во пристаништата на Црното и Азовското Море се апсолутно неосновани – изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова.

– Главниот катализатор за постојните негативни трендови беа антируските санкции на Западот, што доведе до прекин на врските во областа на глобалната логистичка и транспортна инфраструктура –  рече таа. Зголемувањето на цените на земјоделските производи започна во 2020 година и во никој случај не е резултат на специјална воена операција во Украина, тврди таа, говорејќи и за кризата со ковидот.

–  Пандемијата сериозно ги наруши синџирите и значително ги зголеми трошоците за услугите за транспорт на храна, додаде таа.