Феноменот на откажувањето на летовите ги подгрева стравовите за уште едно претстојно хаотично лето на аеродромите
Подготвил: Mарјан Велевски
Неодамнешниот неред во авионскиот сообраќај, кој се искуси благодарение на „Бритиш ервејс“, предизвика загриженост дека патничката индустрија можеби сè уште не е подготвена за метежот во летната туристичка сезона.
Аеродромот „Хитроу“ сигурен показател дека патничката авиоиндустријата сѐ уште не е во кондиција
Неодамна медиумот „Јуроњуз“ пренесе една интересна опсервација за состојбите на патничкиот авиосообраќај, по корона-кризата, но и во текот на светската актуелна економска рецесија, како и политичко-безбедносната криза со руско-украинската војна, што заедно имаше силен негативен ефект на авиотранспортниот сообраќај.
Еве што пишува „Јуроњуз“ за состојбите на лондонскиот аеродром „Хитроу“, кој важи за тежиштен показател за состојбите во патничката авиоиндустрија.
– Петок обично е најпрометниот ден за воздушниот сообраќај во Велика Британија од 2019 година. Ако аеродромот „Хитроу“ нешто покажува, тогаш патничката индустријата не е подготвена да им овозможи на патниците искуство без стрес.
„Бритиш ервејс“ неодамна откажа десетици лета на „Хитроу“, кој е најпрометниот аеродром во Европа. Ова доведе до ударен ефект на одложувања што траеја неколку дена.
Авиокомпанијата на својата веб-страница објави дека „била свесна за техничкиот проблем, на кој напорно се работело да се надмине“. Додека „Травел викли“ известува дека дефектот во ИТ-мрежата се случил еден ден претходно, што значи дека летовите во петокот во пресрет на викендот морале да бидат откажани. Подоцна истата вечер, електронските порти на „Хитроу“ не функционирале. На аеродромот има повеќе од 270 порти на пасошките контроли со цел патниците да можат побрзо да поминуваат отколку проверката да ја вршат граничарите. Прекинот, кој траел 24 часа, ги принудил патниците да чекаат рачни проверки на пасошите. Поради ваквиот настан се поставува прашањето што се случува на аеродромите во Европа и дали овој настан е некаков знак за тоа што може да очекуваат патниците во летната сезона? – пишува „Јуроњуз“.
Авиокомпаниите и аеродромите треба да работат во синергија
Факт е дека откако се укинаа ограничувањата за патување, европските авиокомпании и аеродроми речиси постојано се соочуваат со штрајкови и застои.
Највознемирувачки беше оној на француските контролори на летање, кои организираа штрајк што започна во февруари оваа година и заврши неодамна. Тоа резултира со чести одложувања на летовите низ Европа бидејќи многу маршрути мораа да се одвиваат над францускиот воздушен простор. На вториот најфреквентен аеродром во Париз, „Орли“, дури 30 отсто од летовите беа откажани во траење од неколку дена.
Авиоиндустриската групација ИАТА предупреди дека штрајковите се „причина за загриженост“, особено во места како Франција. Ова секако важи и за „Хитроу“ каде што чуварите постојано штрајкуваа во последните неколку месеци, како што речиси беше случајот со најновиот што се совпадна со дефектот во ИТ-мрежата на „Бритиш ервејс“ и на електронските порти за пасошки контроли.
Како што вели Џулија Ло Буе-Саид, извршната директорка на „Адвантиџ травел партнершип“, индустријата функционира како механизам и справувањето со некои проблеми е надвор од човечка контрола во исклучителни периоди на зголемен метеж, кога се врши зголемен притисок врз целиот екосистем. Потребна е армија работници за еден авион да слета, а потоа ефикасно да ги спроведат безбедно патниците низ аеродромот. Кога недостига еден запченик во тркалото, тоа има далекосежни ефекти.
Дали експертите мислат дека ќе има уште едно „хаотично лето“ на аеродромите?
Експертите се согласуваат дека ваквото често нарушување на патувањето е неприфатливо. Експертот за патувања, Рори Боланд, истакнува дека особено е загрижувачка оваа година, кога од патниците се бара да платат огромни суми за летовите. Без разлика дали се работи за проблеми со авиокомпанијата, аеродромот или граничните контроли, патниците треба да ја добијат услугата за која платиле. Ако не го сторат тоа, компаниите и организациите мора да се соочат со последици за нивниот пропуст во услугите. Додека авиокомпаниите се обврзани да им враќаат пари на патниците за откажани и одложени летови, добивањето на парите што се должат е често долг и стресен процес.
Шерон Греам, која е генерална секретарка во синдикатот, стои зад многу од неодамнешните штрајкови на транспортот во Британија, вели дека ескалацијата на штрајковите неизбежно ќе предизвика прекини, одложувања и откажувања на „Хитроу“. Таа, исто така, не дава многу надеж дека на повидок е крај на штрајковите, велејќи дека тие сега можат да ескалираат во текот на летото.
Официјалните лица од ИАТА, пак, се пооптимистички настроени. Тие велат дека иако може да се очекуваат одредени прекини, постои јасно очекување дека зголемените проблеми со кои се соочуваат некои клучни аеродроми во 2022 година ќе бидат решени. За да ја задоволат силната побарувачка, авиокомпаниите планираат распореди засновани на капацитетот што ги објавуваат аеродромите, граничните контроли, вработените на аеродромите и давателите на услуги за воздушна навигација.
Која е алтернативата за метежот и откажаните летови на аеродромите?
Додека патувањето со авион им дава причина за загриженост на патниците, патувањето со воз на долги растојанија сè подобро функционира. Во Европа се отвораат нови линии речиси неделно, а планирани се повеќе за 2024 и за 2025 година. Сега е возможно да се патува од Лондон до Истанбул и Амстердам до Венеција со воз, патем минувајќи низ најпознатите европски дестинации. Освен што заштедува пари, патувањето со воз може да заштеди и време бидејќи обично треба да се пристигне на станицата само еден час пред поаѓање, дури и за меѓународни линии.
Возовите значат и помалку стресно искуство за пакување бидејќи нема потреба да се внимава на количеството течности во багажот или строгите правила што ги наметнуваат авиокомпаниите за тежината и големината на торбите.