Какво е влијанието на климатските промени врз нашето здравје
Климатските промени сe причина за почестите топлотни бранови, задоцнетата есен и топлите зими. Според стручните лица, несомнено, човечкото тело знае како да се приспособи на промените, но ваквите нагли и драстични временски промени во температурите се предизвик за сите нас.
Бојан Трајановски, кој е доктор по општа медицина, за МИА вели дека од секојдневната работа со пациентите забележува дека честите промени во атмосферскиот притисок, како последица на климатските промени, несомнено, се одразуваат и кај луѓето. Тој појаснува дека тоа е највидливо кај кардиоваскуларниот притисок, процесот на дишење, особено кај астматичарите, хроничната опструктивна болест и кардиоваскуларните заболувања. Според него, за целата таа состојба главниот проблем настанува најчесто при пад на притисокот, поради целосната промена што е во атмосферскиот притисок и во температурната разлика.
– На пример, кога луѓето одат од топло на ладно, доаѓа до пад на притисокот, а со тоа се појавува премаленост, температурата може да се промени, општа слабост како што објаснуваат пациентите, односно главоболка, која може да биде еднострана, двострана или, пак, најчесто во пределот на вратот – истакнува Трајковски.
Студијата „Доказ заснован на машинско учење и мапирање на атрибути на 100.000 студии за влијанието на климата“, спроведена под водство на истражувачкиот институт за глобални климатски промени и климатска анализа „Меркатор“, покажува дека дури најмалку 85 отсто од светското население се под влијание на климатските промени. Тоа влијание особено ќе биде видливо со доаѓањето на есента, за која од УХМР најавуваат дека оваа година ќе задоцни.
– Не се исклучува можноста до крајот на септември да имаме продолжение на летото, потопол период и постепено заладување во октомври и ноември. Поради условите Ла ниња, можна е појава на студени бранови во доцна есен. Сѐ пореални се очекувањата дека во есента ќе продолжи трендот на негативни отстапувања во однос на просечните количества на врнежи, како што беше и досега. Се очекува целиот Југоисточен Регион на Европа да има сушна есен и потпросечно количество на врнежи – наведуваат од УХМР.
И метеопрогнозерот Славчо Поповски вели дека, според метеоролошките анализи, не очекува топла есен.
– Претпладнето денот е сончев и многу топол, но попладнето нестабилен, врнежлив и значително посвеж, и тоа поради влијанието на висински циклон и на влажна и нестабилна воздушна маса. Претстојната есен кај нас, барем според моменталните анализи со кои располагаме, би требало да донесе потопло време од вообичаеното, со натпросечно високи температури на воздухот, значи ќе имаме т.н. индиско лето. Но, сепак, ќе има и денови со невреме и пониски температури. На вакви временски непогоди, какви што имаме деновиве, треба да се навикнеме. Тие ќе бидат и многу посилни, за жал, во следните години – потенцира Поповски.
Тој вели дека климатските промени сѐ почесто предизвикуваат силни временски непогоди и поплави на повеќе места и дека таквите појави ќе бидат сѐ почести.
Професор д-р Михаил Кочубовски од Институтот за јавно здравје посочува дека поради актуелноста на климатските појави, за првпат била направена студија поврзана со нивното влијание врз човечкото тело. Студијата покажува дека при нагла промена од ладно на топло, се зголемува бројот на прием на пациенти.
– Ние направивме студија пред неколку години, ги поврзавме високите летни температури со хоспитализации, тоа го направивме за првпат, и забележавме дека кога се топлотните бранови имаме зголемен број на прием во болница од болести што се поврзани со температурите. Колку поголеми климатски промени, толку и поголеми последици врз човековото тело – вели Кочубовски.
Раководителката на Итната медицинска помош при Здравствениот дом во Скопје, д-р Милица Бубало, додава дека симптомите се различни за секого.
– Кога имаме, на пример, нагло врнење дожд, може да има поголем број инфаркти, сѐ зависи од момент до момент. Со секоја временска промена, на удар се хроничните болни, а понатаму и старосните групи – повозрасната популација секојпат е поподложна на промените и повеќе реагира отколку помладата популација. Постарата популација поради фрагилноста на крвните садови потешко се приспособува на топлотните промени на температурните разлики. Но затоа, помладата популација, бидејќи кај неа се повитални и поеластични крвните садови, полесно и побрзо се приспособува на промените на климата – потенцира таа.
Според анализите од Светската здравствена организација, помеѓу 2030 и 2050 година, се очекува климатските промени да предизвикаат приближно 250.000 дополнителни смртни случаи годишно, од неухранетост, маларија, дијареја и топлотен стрес. Во најголем ризик ќе бидат областите со слаба здравствена инфраструктура, главно земјите во развој.