Емануел Макрон/Фото: Фејсбук-страница на францускиот претседател

По терористичкиот напад во Арас

Дворецот Версај во Париз е евакуиран поради дојава за поставена бомба, пренесува весникот „Фигаро“ повикувајќи се на полициски извори. Се додава дека на е добиена анонимна дојава, а дворецот ќе биде затворен до крајот на денот.

Претходно поради закана за поставена бомба беше затворен и познатиот музеј Лувр, јави француската телевизија „БФМ“, повикувајќи се на полициски извори.

– Лувр доби писмена порака во која се наведува дека постои ризик за музејот и неговите посетители – изјави портпаролката на Музејот по објавувањето на затворањето на социјалните мрежи.

Таа посочи дека одлучиле да го евакуираат музејот и да го затворат цел ден, додека не ги извршат потребните проверки.

Францускиот претседател Емануел Макрон нареди мобилизација на 7.000 војници за да се засилат безбедносните патроли во земјата, соопшти денеска Елисејската палата, еден ден откако 20-годишен исламски екстремист од градот Арас, во северна Франција, избол до смрт локален наставник во средно училиште.

Медиумите наведуваат дека Франција прогласи највисоко ниво на безбедносна тревога по вчерашниот напад.

Елисејската палата соопшти дека воената мобилизација ќе се спроведува до понеделник вечер и ќе важи во следниот период, што ќе биде проследен со редовни патроли во главните градски центри и популарни туристички места.

Кабинетот на францускиот претседател потврди дека француските безбедносни сили спречиле нов „обид за напад“ во друг регион, без да прецизираат во кој регион.

– Училиштето во Арас беше цел на варварски исламистички тероризам – изјави вчера Макрон по посетата на училиштето, додавајќи дека жртвата со неговата храброст „најверојатно спасила многу животи“ во обидот да го блокира напаѓачот, јави порталот Франс 24.

Полицијата го уапси осомничениот напаѓач, Мохамад Могучков, по потекло од Чеченија, република на Руската Федерација лоцирана во претежно муслиманскиот регион на Јужен Кавказ.

Тој веќе бил регистриран во регистарот за национална безбедност на Франција, означен како потенцијална безбедносна закана и под електронски и физички надзор од француската служба за внатрешна безбедност ДГСИ, објавија француските медиуми.

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен синоќа изјави дека нападот во Арас е поврзан со настаните на Блискиот Исток, каде Израел води воена офанзива против Хамас.