Украинските сили денеска продолжија да ги притискаат руските позиции во окупираниот Херсон, гаѓајќи го Антоновски мост над реката Дњепар, приближувајќи се до отворен напад за заземање на стратешки важниот пристаништен град, пренесе Бета.

Околу 2.000 новомобилизирани Руси пристигнаа во регионот Херсон „за да ги надоместат загубите и да ги зајакнат единиците на линијата на фронтот“, соопшти Генералштабот на украинската армија.

Антоновскиот мост на главната рута од Крим до териториите под руска контрола на југот на Украина беше погоден синоќа, но само за време на локалниот полициски час, за да се избегнат цивилни жртви, изјави портпаролката на оперативната команда на југот на Украина Наталија Хумењук.

Таа подвлече дека украинските сили „не напаѓаат цивили и населени места“ како одговор на соопштението на руските власти дека во украинскиот напад на мостот загинале четворица цивили, а 13 се ранети.

Претходните украински напади го онеспособија Антоновскиот мост, поради што руските власти ги снабдуваат своите војници во Херсон, на западниот брег на Дњепар, со траекти и преку понтонски мостови. Украинската армија редовно истрелува ракети на тие премини.

Руските власти ги повикаа жителите да се евакуираат од Херсон поради безбедносни причини и да ѝ дозволат на војската да изгради бункери. Додека градските служби престануваат да работат, 15.000 жители од очекуваните 60.000 веќе се преместени од градот и неговата околина.

Херсон, со предвоено население од 284.000 луѓе, беше еден од првите градови што Русија ги зазеде кога ја нападна Украина и е најголемиот град што го поседува. Тоа е главна цел за двете страни поради нејзините клучни индустрии и големото речно пристаниште.

Областа Херсон, заедно со Луганск, Доњецк и Запорожје, беше незаконски анектирана од рускиот претседател Владимир Путин, иако не целата територија е под руска контрола. Потоа, претходно оваа недела, тој прогласи воена состојба во оние области каде што украинските страни возвраќаат на руската војска која се повлекува.

Во областа Доњецк две лица загинаа во последните 24 часа кога руските сили со топови го гранатираа градот Бахмут, изјави регионалниот гувернер Павло Кириленко. Руските војници не можат да напредуваат кон тој град повеќе од еден месец.

Девет лица се ранети во два руски напади во градот Харков на истокот на земјата, соопшти регионалниот гувернер Олех Синјехубов.

Кремљ денеска инсистираше на тоа дека рускиот претседател Владимир Путин е отворен за преговори „од самиот почеток“ и оти „ништо не е променето“ во овој поглед.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Путин „се обидел да разговара и со НАТО и со САД уште пред специјалната воена операција“, како што Русија ја нарекува војната во Украина.