Украинската војска соопшти дека нејзините беспилотни летала погодиле четири нафтени рафинерии, радарски станици и други воени објекти во Русија.
– Беспилотни летала паднаа врз нафтените рафинерии Афипски, Илски, Краснодар и Астрахан – стои во соопштението на украинската војска на апликацијата за пораки „Телеграм“, што ја пренесe „Ројтерс“.
Како што се наведува понатаму, биле погодени и радарски станици и руски разузнавачки центри во Брјанската област и Крим.
Се додава дека нападите биле извршени врз магацини и места за подготовка на беспилотни летала во руската област Краснодар.
Како што претходно беше соопштено, од нападот на рафинеријата за нафта Илски избувнал пожар при што две лица се повредени.
Од Оперативниот штаб додаваат дека се оштетени комунални објекти и дека пожарот на површина од 50 метри квадратни во меѓувреме е изгаснат. Освен тоа, во нападот со дрон била оштетена и автобуската станица во Краснодар, а повредени се и неколку лица.