Илустрација / Фото: МВР на Украина

Украински проектил уништи нов брод на руската морнарица во градот Керч на полуостровот Крим, соопштија синоќа украинските воздухопловни сили.

Генерал-полковник Микола Олешчук на својот канал на Телеграм објави видео од нападот на бродоградилиштето Залиј во Керч, на крајниот исток на полуостровот. Од снимката не може да се утврди дали бродот навистина бил погоден.

За нападот објавија и руски медиуми, повикувајќи се на информации добиени од Министерството за одбрана во Москва.

Руските медиуми пренесуваат дека бродоградилиштето било нападнато во саботата вечерта. Од 15 ракети насочени кон таа локација, 13 од нив биле соборени од противвоздушна одбрана, пренесоа медиумите, додавајќи дека руското министерство потврдило оштетување на еден брод.

Бродоградилиштето Залиј е едно од најголемите во Источна Европа. Тоа е под санкции на западните земји.

Олешук тврди дека бродот требало да биде испратен во Црното Море за да истрела крстосувачки ракети на украинска територија.

Петмина се повредени во руски напади врз Одеса, при што оштетен е и градскиот музеј.

– Националниот музеј на уметност во Одеса на 6 ноември полни 124 години. Русите „му честитаа“ на нашиот архитектонски споменик со проектил кој падна во близина. Оштетени се ѕидовите на зградата, искршени се некои прозорски стакла – рече Олех Кипер, гувернер на регионот Одеса чиј административен центар е Одеса, на апликацијата за пораки Телеграм.

Кипер подоцна изјави дека над градот биле уништени 15 дронови лансирани од Русија. Оштетени се неколку станбени шупи, а магацинот и камионите со жито беа зафатени од пожар, кој набрзо беше изгаснат.

Националниот музеј во Одеса, една од најстарите палати во градот, имаше повеќе од 10 илјади експонати пред војната, вклучувајќи слики од некои од најпознатите руски и украински уметници од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Градскиот совет објави снимка на која се гледаат скршени прозорци и остатоци во музејот.

На улиците до музејот, нападот остави дупка длабока неколку метри. Според градските власти, таму е повредено едно лице. Кипер рече дека сите пет повредени лица се хоспитализирани.