Украинскиот претседател Володимир Зеленски уште еднаш побара неговата земја наскоро да биде примена во НАТО, нагласувајќи дека пристапот на Украина ќе го направи НАТО уште посилен. Зеленски вчера разговараше со полскиот претседател Анджеј Дуда за јулскиот самит на НАТО во Вилнус.
– Ова е моментот кога треба целосно да ги уништиме руските идеи дека некој во НАТО сè уште се плаши од нив. Таквите претпоставки ги поттикнуваат агресивните амбиции на Русија. Мораме и можеме да ги неутрализираме – рече Зеленски во своето видео обраќање.
Украинскиот претседател смета дека приемот на Украина во НАТО ќе го зајакне тој воен сојуз. Зеленски зборуваше и за подготовките за конференцијата за обнова на Украина во Лондон, нагласувајќи дека ќе ја обнови секоја руина во земјата.
– Кога урнатините исчезнуваат, самата идеја за агресија се губи – рече тој.
Зеленски повторно го критикуваше недоволното спроведување на санкциите против Русија. Тој го наведе примерот со рускиот ракетен напад врз Одеса. Зеленски рече дека компонентите на ракетите користени во нападот биле од други земји. Русија нема да може да лансира ракети кон Украина доколку санкциите се спроведуваат доследно, заклучи украинскиот претседател.