Фото: Принтскрин

Светските лидери упатија силна поддршка за Турција и Сирија по катастрофалниот земјотрес во кој загинаа стотици луѓе.

Турската Агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) ја повика меѓународната заедница на помош.

Германија ќе испрати помош за регионите погодени од разорниот земјотрес во Турција и Сирија, кој однесе стотици животи. Ова го изјави сојузниот канцелар Олаф Шолц.

Францускиот претседател Емануел Макрон на Твитер објави дека Франција е „подготвена да обезбеди итна помош за населението“ во Турција и во Сирија Тој изрази сочувство до роднините на загинатите.

– Изразувам искрено сочувство до мојот турски колега Мевлут Чавушоглу, неговата земја и турскиот народ – објави шефицата на француската дипломатија Катрин Колона на Твитер, ветувајќи помош од Франција.

Полска ќе испрати тим од 76 спасувачи и осум кучиња-трагачи.

– Во врска со земјотресот во Турција и барањето на турските власти за помош, предложив на местото да се испрати засилен тим за пребарување и спасување – објави полскиот министер за внатрешни работи Мариуш Камински на Твитер.

Холандија ќе испрати тим за пребарување и спасување во Турција за да помогне во одговорот на земјотресот во кој загинаа стотици, изјави холандскиот министер за надворешни работи Вопке Хоекстра.

– Овој тим вклучува полициски и воен персонал, служби за итни случаи и пожарникари. Шокиран сум од веста за разорниот земјотрес во Турција и Сирија. Нашите мисли се со жртвите, нивните семејства и многуте повредени Турци и Сиријци – напиша Хоекстра на Твитер.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски им изрази сочувство на жртвите и понуди помош.

– Стоиме со народот на Турција во ова тешко време. Подготвени сме да ја пружиме потребната помош за надминување на последиците од катастрофата – напиша Зеленски на Твитер.

Индискиот премиер Нарендра Моди на Твитер напиша дека е шокиран од жртвите и материјалните штети во земјотресот.

– Индија се солидаризира со народот на Турција и е подготвена да ја понуди сета можна помош во справувањето со оваа трагедија – напиша тој.

Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф преку низа твитови им изрази сочувство на граѓаните на Турција и Сирија.

Израелскиот претседател Исак Херцог се огласи на Твитер.

– Државата Израел е секогаш подготвена да помогне на секој можен начин. Нашите срца се со ужалените семејства и турскиот народ во ова болно време – напиша Херцог.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, рече дека САД се длабоко загрижени за уништувањето во Сирија и Турција.

– Бев во контакт со турските власти за да пренесам дека сме подготвени да ја обезбедиме сета потребна помош. Ќе продолжиме внимателно да ја следиме ситуацијата во координација со Турција – напиша Саливан на Твитер.

Британскиот премиер Риши Сунак ја повтори претходната порака од министерот за надворешни работи Џејмс Клеверли дека Велика Британија е подготвена да понуди помош по земјотресот во кој загинаа многу луѓе во Турција и Сирија.

– Моите мисли се со народот на Турција и Сирија утринава, особено со првите што реагираа толку храбро за да ги спасат заробените во земјотресот. Британија е подготвена да помогне колку што може – напиша Сунак.

Рускиот претседател Владимир Путин упати сочувство до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и сирискиот претседател Башар ал Асад.

– Ве молиме прифатете го нашето длабоко сочувство во врска со бројните жртви и масовното уништување предизвикано од силниот земјотрес во вашата земја – се вели во телеграмата на Путин, адресирана до Ердоган, која е објавена на веб-страницата на Кремљ.

Путин рече дека Русија е подготвена да ја обезбеди сета потребна помош. Во телеграмата до Асад, тој посочи дека Русија ја споделува тагата и болката на сите од Сирија кои ги загубиле своите најблиски.