Фото: Принт-скрин

Кинескиот претседател Си Џинпинг се сретна со рускиот претседател Владимир Путин во Узбекистан, во нивниот прв состанок очи в очи откако го објавија „пријателството без граници“ помеѓу Русија и Кина во февруари, непосредно пред војната во Украина. Средбата беше остварена на маргините на самитот на Шангајската организација за соработка во Самарканд, како што соопштија кинеските и руските медиуми.

– Во поглед на светот и на времињата што се менувааат, како и на историските промени, Кина е подготвена да соработува со Русија за да ги демонстрира обврските и водството на големите сили, за да воведеме стабилност и позитивна енергија во светот во хаос – кажал Си Џинпинг, според снимка објавена од руските медиуми.

Путин, пак, посочил оти разбрал дека Си Џинпинг имал прашања за ситуацијата во Украина, но го пофалил кинескиот лидер за урамнотежената позиција за конфликтот, според „Ројтерс“. А Си Џинпинг го нарекол Путин негов „стар пријател“, откако рускиот претседател зборувал дека ќе пропаднат обидите на САД да создадат униполарен свет.

– Високо ја цениме балансираната позиција на нашите кинески пријатели кога станува збор за украинската криза. Ги разбираме вашите прашања и загриженоста за оваа тема. За време на денешниот состанок, секако ќе ја објасниме нашата позиција – му кажал Путин на Си Џинпинг.

Путин ја поддржа Кина во однос на прашањето со Тајван.

– Имаме намера јасно да се придржуваме до принципот на „една Кина“. Ги осудуваме провокациите од САД и нивните сателити во Тајванскиот Теснец – кажал рускиот претседател.

Ниту една страна не ја објави официјалната агенда на нивниот состанок, но Кремљ соопшти дека се очекува двајцата лидери да разговараат за регионалните и глобалните прашања, вклучувајчи ја војната во Украина и прашањата што го опфаќаат Тајван.

Партнерството помеѓу Си и Путин се смета за едно од најзначајните во денешната глобална политика по големиот подем на Кина во изминатите 40 години. Се наведува дека Путин и Си Џинпинг делат гледиште за светот во кое го гледаат Западот како декадентен и во опаѓање, во ситуација кога Кина ја оспорува надмоќта на САД.

Самитот има цел да ја покаже силата на врските помеѓу двете држави во ситуација на злголемен анимозитет кон Западот и предизвиците во нивните агенди, посочуваат западните медиуми. Извесно е дека Кина и Русија ги засилија трговските врски наспроти западните санкции. Истовремено, двете држави спроведуваат заеднички поморски патроли во Пацификот.