Фото: Принт-скрин

Во украинските региони под руска контрола утрово почна гласањето на референдум за приклучување кон Русија, пренесе Бета. Бројни западни лидери остро ги осудија најавите за референдуми во Украина пред нивното спроведување, а властите во Киев порачаа дека референдумите ќе ја загрозат можноста за преговори помеѓу нив и Русија.

Сепаратистичките власти го најавија референдумот во Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје по контраофанзивата на украинската армија која врати делови од територијата во последните неколку недели.

Гласањата, кои треба да траат до 27 септември, почнаа утрово во седум часот.

Рускиот претседател Владимир Путин прогласи независност на Донецката Народна Република (ДНР) и Луганската Народна Република (ЛНР) непосредно пред почетокот на офанзивата во Украина.