Неизвесни времиња пристигнаа во некогашната советска држава Казахстан. Демонстрации, апсења и пукања беа сликите што доаѓаа од градовите во земјата, а за тоа време во меѓународната јавност секој со своја диоптрија ги следи случувањата во Централна Азија

Темни облаци над Казахстан

Повеќе од една недела траат безбедносните превирања во Казахстан. Случувањата во централноазиската земја се во фокусот на вниманието на сите геополитички центри и од Истокот и од Западот.
Последните медиумски извештаи информираат дека состојбата во земјата, иако е неизвесна, сепак, постепено се смирува. Во државата сѐ уште во сила е вонредната состојба, а полициски час има речиси во сите градови низ земјата. Билансот на уапсени, повредени и загинати различно се толкува, во зависност од каде пристигнуваат информациите.
Според државните медиуми на Казахстан, приведени се околу 6.000 лица за кои се сомнева дека се инволвирани во случувања за насилно уривање на демократски избраната власт. Од друга страна, западните медиуми соопштуваат дека бројките се многу поголеми од официјалните. Прес-службата на Министерството за внатрешни работи соопшти дека има 16 загинати припадници на безбедносните сили, а повеќе од 1.300 ранети полицајци, војници и борци од Националната гарда.
Претходно, поради случувањата, шефот на државата Касим-Жомарт Токаев ги овласти армијата и полицијата да пукаат без предупредување кон демонстрантите.
Репортерите на „Курент тајм“ ја опишуваат актуелната ситуација во Казахстан како тензична, а во делови од земјата има неизвесност, но и повремени престрелки меѓу безбедносните сили и протестантите.

– Во Алмати е многу тензично. Генерално, чувството е дека сѐ уште никој нема власт врз градот. Владее безредие. Снимавме цел викенд, но ретко забележувавме униформирани лица во градот, за разлика од главниот град Нур-Султан. Некои од продавниците се затворени а интернет сѐ уште нема – вели Тимур Емаршев.
Во контекст на актуелните случувања информациите велат дека руската армија, која и онака е присутна во земјата, изминативе денови започнала мировни операции за пацифизирање на состојбите во Казахстан.
Околу 2.500 мировници, во најголем дел Руси, како дел од Организацијата на договорот за колективна безбедност (ОДКБ), беа испратени во Казахстан по барање на казахстанскиот претседател за да помогнат во „стабилизацијата“ на земјата.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изрази загриженост за пристигнувањето на руските војници во Казахстан, нагласувајќи дека тешко ќе се повлечат.
– Лекцијата од поновата историја е дека кога Русите се во вашата куќа, понекогаш е многу тешко да ги истерате – предупреди државниот секретар на прес-конференција во Вашингтон.
Во исто време, руското министерство за надворешни работи викендов во соопштение ги нарече коментарите на американскиот државен секретар Ентони Блинкен „глупав обид“ за хумор и го бранеше распоредувањето на трупите од страна на ОДКБ во Казахстан како „целосно легитимен одговор“.

– Ако Ентони Блинкен толку ја сака историјата, тогаш нека го има на ум следното – кога во вашата куќа ќе влезат Американците, ретко кој во неа останува жив, а пред тоа да не е и ограбен и силуван – се наведува во реакцијата на руското МНР по повод изјавата на американскиот државен секретар Блинкен. Слично како и Москва, со своја реакција на случувањата се огласи и официјален Пекинг. Портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, изјави дека Кина ги осудува дејствата на надворешните сили што го предизвикаа насилството во Казахстан.
– Како братски сосед и постојан стратегиски партнер на Казахстан, Кина е подготвена да направи сѐ што е можно за да ѝ ја обезбеди потребната поддршка на казахстанската страна и да ѝ помогне да се справи со тешкотиите – рече Венбин.
Универзитетскиот професор Михал Вит, коментирајќи ги случувања за „Нова Македонија“, вели дека заднината на настаните во Централна Азија е нова битка за глобалните енергенти.

– Интересите на светските сили сега се судрија во Казахстан, а причината за тоа е кој од Истокот или од Западот ќе ги дограби огромните количества природен гас и ураниум што ги поседува оваа азиска земја. Нас не треба да нѐ зачуди сето она што се случува зад границите на Европа, бидејќи слични процеси, односно судири со години се одигруваат за ресурсите и на Блискиот Исток – вели Вит.
Професорот прогнозира дека настаните во Казахстан немаат потенцијал да се разгорат и да прераснат во граѓанска војна, а причина за тоа, за добро или за лошо, е руското воено присуство во земјата што некогаш беше дел од СССР.


МНР будно ја следи состојбата

Министерството за надворешни работи викендов соопшти дека редовно ја следи состојбата во Казахстан и преку нашата амбасада во Нур Султан е во постојана комуникација со нашите државјани што се наоѓаат во земјата. И покрај честиот прекин на интернет и телекомуникациските мрежи, сепак се остварува редовен контакт со нашите државјани, кои се наоѓаат на безбедни локации. Само двајца наши државјани се обратиле до амбасадата досега, поради мали потреби, на чие барање е веднаш одговорено. Но ниту еден од споменатите не се наоѓа во состојба на загрозеност. Остануваат во сила препораките упатени до граѓаните на Македонија да не патуваат во Казахстан.


Раст на цените на ураниумот поради случувањата во Казахстан

Светските цени на ураниумот нагло пораснаа поради насилството во Казахстан, убедливо најголемиот светски производител на радиоактивниот метал. Оваа централноазиска земја и дел од поранешниот Советски Сојуз произведува повеќе од 40 отсто од светскиот ураниум. Цената на ураниумот скокна за речиси 8 отсто, на 45,25 долари за фунта (околу 450 грама) минатата седмица, додека претходно за истата грамажа цената изнесуваше 42 долари. Иако самиот Казахстан нема нуклеарна централа или нуклеарно оружје, тој извезува многу ураниум во Русија и особено во Кина во последните години. Од друга страна, најголеми светски „потрошувачи“ на ураниум на годишно ниво се САД, со 19 илјади тони, Франција со 8,7 илјади тони, Кина со 8,6 и Русија со околу 5,6 илјади тони ураниум.

Подготвил: Дејан Србиновски