Фото: Принтскрин

Украинските војници тврдат дека викендов со автоматско оружје собориле вооружен дрон од кинеско производство на нивна територија, објави „Си-ен-ен“.

Наводно, станува збор за комерцијален дрон „Мугин-5“ направен од кинески производител со седиште во пристанишниот град Ксиамен, на источниот брег на Кина.

Некои технолошки блогери велат дека се познати како „Алибаба беспилотни летала“ бидејќи биле достапни за продажба до 15.000 долари на веб-страниците на кинескиот пазар.

„Мугин Лимитед“ потврди за „Си-ен-ен“ дека тоа е нивно летало, нарекувајќи го уривањето „несреќен инцидент“. Тоа е најнов пример за употреба на цивилно беспилотно летало кое е доградено и вооружено, што е знак за брзо менување на начините на војување.

Службата за безбедност на Украина (СБУ) изјави за „Си-ен-ен“ дека нивните агенти стационирани на територијата под руска контрола, ги предупредиле дека оттаму е лансиран дрон и се упатил кон украинска цел. СБУ потоа го вклучил алармот со воените единици со седиште во источна Украина, во близина на градот Славјанск.

Во саботата околу 2 часот по полноќ, борците на 111-та бригада на територијалната одбрана на Украина слушнале беспилотно летало и дури виделе како трепка светлото на леталото.

Украинските власти не го коментираа овој конкретен инцидент, но експертите велат дека има докази оти двете страни во конфликтот ја користат технологијата.