Фото: Маја Јаневска-Илиева

Извор: Дојче веле

Патување во странство? Кај некои пасоши тоа не е проблем, кај други е. Едните речиси никогаш не треба да се грижат за влез во странска земја, другите се соочуваат со долго чекање за виза. Зошто е тоа така?

За имателите на германски пасоши, на пример, влезот во Камбоџа е прилично лесен. 30-дневна туристичка виза може да се побара од амбасадата на Камбоџа во Берлин, со такса за обработка од 40 евра доколку имате пасош со важност најмалку шест месеци за време на влезот. Алтернативно, Германците можат да аплицираат за 30-дневна туристичка виза преку Интернет за само 33 евра. Времето на обработка е три дена. Уште полесно е ако луѓето со германски пасош летаат за Камбоџа, каде што добиваат виза при пристигнувањето на аеродромот.

Сосема поинаква ситуација е кога имателите на пасоши од Камбоџа сакаат да патуваат во Германија. Тие треба да достават покана, изводи од банка за последните шест месеци, доказ за приход и имот, како и голем број други лични документи. Апликацијата за виза чини околу 80 евра и мора да се плати во готово. „Ти поставуваат неколку прашања и ако мислат дека си веродостоен и уверлив – ти даваат виза“, изјави за ДВ Арун, средовечен Камбоџанец кој сакаше да остане анонимен. Арун претходно го поминал сето тоа и добро го познава процесот на аплицирање за виза.

Како да се објасни толку голема разлика? Една од причините за тоа е економската состојба на некои земји.

„Хенли и Партнери“ (Henley & Partners), водечка светска консултантска компанија за планирање жителство и државјанство, и Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА), редовно ги рангираат најсилните и најслабите пасоши во светот. Тие го проценуваат бројот на дестинации до кои може да одат имателите на пасоши без виза или со виза. Сингапурскиот пасош беше оценет како најдобар. Со него можете без виза да влезете во 193 земји. Германскиот пасош овозможува безвизен влез во 190 земји.

Кога станува збор за пасошите на земјите од поранешна Југославија, најдобро котира Словенија. Со пасошот на таа земја се отвора врата за 184 земји. Во 176 земји без виза можете да патувате со хрватски пасош, а во 138 со српски пасош. Следат  Македонија и Црна Гора со 125 и 124 земји, соодветно, додека пасошот на Босна и Херцеговина дозволува пристап до 118 земји. Најлошо се пласираше Косово. Со тој пасош можете без виза да влезете во само 42 земји.

„Хенли и партнери“ наведуваат дека „земјите се поподготвени да ги отворат своите граници за граѓаните од побогатите земји, веројатно поради поголемите економски придобивки во форма на трговија, туризам и инвестиции“. Спротивно на тоа, имателите на пасоши од земји со „висока стапка на сиромаштија и економска нестабилност […] претставуваат висок ризик од прекорачување на времетраењето на нивната виза“.

Арун од Камбоџа тоа добро го знае. „Мојата земја е сиромашна, па мојот пасош не е толку силен“, вели тој за ДВ. И навистина, според рангирањето, камбоџанскиот пасош е еден од најниско рангираните во светот. Со него можете без виза да влезете само во педесетина земји.

Нов пасош, нова среќа

Мухамед, новинар од Берлин кој исто така сака да остане анонимен, доживеал како е слабиот пасош да се замени со силен. Претходно го имаше пакистанскиот, кој е четврти најслабо рангиран патен документ во светот и овозможува безвизен пристап до само 32 земји. Меѓутоа, Мухамед неодамна доби германско државјанство.

„Со пакистански пасош секогаш морав да поминам низ комплициран, долг процес на добивање виза и секогаш постоеше ризик барањето да биде одбиено“, изјави Мухамед за ДВ. „Исто така, кога патувате во некои земји, особено на Блискиот Исток, треба да застанете во посебна линија и да трпите секакви прашања.

Сега кога има германски пасош, неговите патувања станаа полесни. „Јасно ја чувствувам разликата“, вели Мухамед. „Треба да аплицирам за виза само за неколку земји и лесно можам да патувам до многу дестинации.

Пасоши на продажба

Ова е причината зошто некои пасоши се особено популарни. Во минатото, некои земји од Европската Унија им дозволуваа на државјаните на трети земји да купат пасош доколку вложат големи инвестиции во таа земја.

Многу од овие регулативи во моментов постепено се укинуваат поради политички притисок во ЕУ, но затоа се повеќе и повеќе земји од Блискиот Исток сега нудат купување пасоши. И не се единствените.

Роланд Пап од Транспаренси интернешнал (ТИ), невладина организација за борба против корупцијата, вели дека Малта сега е единствената земја од ЕУ што сè уште „издава инвестициски пасоши“. Тоа не беше добро прифатено од сите.

– Треба да размислиме што кажува купувањето пасош за нашата демократија. „Можете да купите одредени права ако сте доволно богати, но не можете ако немате пари. Луѓето кои сакаат да добијат државјанство, преку конвенционални канали, како по добивањето државјанство, мора да поминат низ многу комплициран бирократски процес – вели Пап. .