Фото: Приватна архива/Маниш Дејв

Луѓето се слеваат во индискиот ресторан сместен во подрумски простор во Киев, чиј сопственик Маниш Дејв одлучи да ги нахрани сите, без разлика на нивната националност, откако почна воениот конфликт во Украина, пренесува „Вашингтон пост“.

Во изминатите неколку дена, ресторанот на Дејв послужи како импровизиран бункер, каде што десетици деца, бремени жени, студенти и бездомници се собираат заедно со локалното население, барајќи засолниште од воените дејствија. Сопственикот згрижи и нахрани повеќе од 130 луѓе откако почна конфликтот.

– Ќе продолжам да нудам засолниште и храна се додека можам – вели 52-годишниот Дејв во телефонски разговор за „Вашингтон пост“.

Дејв се песели во Киев од индискиот град Вадодара во октомври минатата година, со намера на индиските студенти и на жителите на Киев да им овозможи достапност до индиската храна.

Неговиот ресторан е сместен во подземен простор во близина на хостел каде што се сместени студенти на локалниот медицински универзитет.

– Се одеше добро, а одеднаш се случија сите овие нешта. Имаше оган, експлозии бомби… Стана многу страшно, луѓето се исплашени – вели Дејв.

По избивањето на војната, тој увидел дека може да помогне. Првично им кажа на редовните муштерии дека, од кои повеќето се студенти, дека можат да најдат засолниште во неговиот ресторан, а потоа истакнал објава и на апликацијата Телеграм, канејќи ги сите кои имаат потреба од сместување и оброк.

– Ако немате безбедно место за престој, ве молам дојдете тука. Ќе се обидеме да ви обезбедиме бесплатна храна и сместување во рамки на нашите капацитети – објави Дејв, заедно со адресата на ресторанот.

Оттогаш многумина кои поминаа низ ресторанот му се благодарни на Дејв, кој заедно со своите вработени подготвува традиционални индиски јадења. Тој, сепак, нагласи дека ќе се обидат храната да ја подготвуваат помалку зачинета, за да биде по вкус на сите, додека истовремено готви и други едноставни европски јадења кои можат да бидат достапни во поголеми количества.

Дејв одбива и да прифаќа пари од тие што бараат засолниште, истакнувајќи дека „сите се едно семејство“. Наместо пари, тој побара од луѓето кои се во можност да го снабдуваат со намирници со цел да продолжи со неговиот хуман гест.

Сопственикот на ресторанот се надева дека ќе може да остане во Украина, доколку не дојде до дополнителна ескалација на конфликтот, наспроти загриженоста на неговото семејство во Индија.