Фото: Принт-скрин

Во Шпанија се уапсени 32 лица поврзани со италијанската мафијашка група Ндрангета и трговијата со дрога и перење пари, соопшти денеска Европската полициска служба (Европол).

Според Европол, уапсените се припадници на насилна криминална група поврзана со трговија со кокаин и канабис помеѓу Шпанија и Италија, транспорт на дрога скриена во глисери, како и перење пари преку инвестиции во шпански недвижен имот.

Помеѓу уапсените има Италијанци, Албанци и Унгарци.

Во полициската акција запленети се 18 килограми амфетамин, 4,5 килограми кокаин, огнено оружје, 300.000 евра и 600 садници канабис.

Акцијата беше спроведена минатата недела на островот Ибица и во неа учествуваа 500 полицајци на шпанската цивилна гарда, италијански карабинери и претставници на италијанската финансиска полиција, со поддршка на европските тела за полиција и правда, Европол и Европравда.

Италијанското обвинителство ја смета мафијашката организација Ндрангета од Калабрија за најважната криминална организација во западниот свет. Некои од уапсените се поврзани со некои убиства во Италија.

Се проценува дека Ндрангета, чие име на грчки значи „херојство“ или „машка доблест“ (андрагатија) има поголема моќ од злогласната сицилијанска Коза Ностра поради шверцот на кокаин од Јужна Америка.