Научниците од телото на ОН претставија план за кој веруваат дека може да ги ограничи основните причини за опасните климатски промени. За да се избегнат најлошите влијанија, јаглеродните емисии би морало да достигнат максимум во рок од три години

За да се избегнат најлошите влијанија на јаглеродните емисии

Во извештајот на Меѓувладиниот панел за климатски промени при ОН (ИПЦЦ) се вели дека мора да има „брзи, длабоки и директни“ намалувања на емисиите на јаглерод диоксид. За да се избегнат најлошите влијанија, јаглеродните емисии би морало да достигнат максимум во рок од три години. Но дури и тогаш, до средината на овој век на светот ќе му биде потребна технологија за вшмукување јаглерод диоксид од воздухот.

Како да се ограничи порастот на температурите?

По спорната седница за одобрување, на која научници и владини претставници детално го разгледуваа извештајот, ИПЦЦ го објави своето упатство за тоа што би требало да направи светот за да избегне една исклучително опасна иднина. Дури и ако бидат во целост спроведени сите политики за намалување на јаглеродот што ги воведоа владите до крајот на 2020 година, лошата вест е што светот во овој век, сепак, ќе се загрее за дополнителни 3,2 Целзиусови степени. Ваков пораст на температурите би довел до тоа планетата да биде погодена од невидени топлотни бранови, застрашувачки бури и светски недостиг од вода. Истражувачите велат дека за да ја избегне таквата судбина, во овој век светот ќе мора да го задржи порастот на температурите до или под 1,5 Целзиусов степен. Добрата вест е што најновиот извештај на ИПЦЦ покажува дека тоа може да се направи на изводлив и финансиски исправен начин.
Но одржувањето на ниските температури ќе наложува огромни промени во производството на енергија, индустријата, транспортот, потрошувачките навики и односот кон природата. Според ИПЦЦ, да се остане под 1,5 Целзиусов степен значи дека сите јаглеродни емисии мора да достигнат врв до 2025 година, за потоа рапидно да се спуштат, достигнувајќи нето – нула емисии до средината на овој век. Истражувачите велат дека наредните неколку години се критични, бидејќи доколку емисиите не се намалат до 2030 година, ќе биде речиси невозможно да се ограничи загревањето во остатокот од веков.
Клучен за сево ова на краток рок ќе биде начинот на кој ќе се генерира енергија. За среќа, соларните панели и ветерните турбини никогаш не биле поевтини. Во текот на изминатава деценија, нивните цени паднаа за околу 85 отсто.

Неопходна промена во начинот на живот

Но, според авторите на извештајот, начинот на исхрана и животниот стил исто така ќе мора да се променат, што носи огромни можности за голема заштеда на јаглерод. Пријадарши Шукла, копретседател на ИПЦЦ, рече дека со поседување правилни политики, инфраструктура и технологија, кои ќе овозможат промена во животниот стил и однесување, до 2050 година може да се случи намалување од 40 до 70 отсто кај емисиите на стакленички гасови. Доказите истовремено покажуваат дека овие промени во животниот стил можат да ги подобрат здравјето и благосостојбата. Во практика, ова значи дека владите треба да ги поттикнат физичката активност и здравата исхрана, како и да воспостават инфраструктура за многу поголем број електрични возила.
Еден од најспорните аспекти на овој извештај се однесува на отстранувањето на јаглерод диоксидот од атмосферата. Ова може да се направи на повеќе различни начини, вклучувајќи и по пат на садење дрва и внесување промени во земјоделските практики. Но извештајот открива и дека за да се спречи глобалното затоплување да го надмине опасниот праг од 1,5 Целзиусов степен, ќе биде потребно многу повеќе од нови шуми. Одржувањето на температурите ќе бара машини за директно отстранување јаглерод диоксид од атмосферата.
Ова е доста спорно, со оглед на тоа што се работи за нова и моментално многу скапа технологија. Некои од учесниците во процесот на ИПЦЦ се доста скептични во однос на функционалноста на овие пристапи.

Подготвил: Марјан Велевски