САД елиминираа висок претставник на сирискиот огранок на Ал Каеда – „Хурас ад-Дин“, пренесоа светските агенции.
Централната команда на САД на Блискиот Исток на социјалната мрежа „Икс“ објасни дека во саботата на северозападот на Сирија нападнала и убила висок претставник одговорен за финансиите и логистиката на терористичката организација „Хурас ад-Дин“.
САД редовно изведуваат напади врз цели во Сирија. Американски воен персонал е распореден во оваа земја како дел од меѓународната коалиција формирана во 2014 година со цел да се борат против џихадистите на „Исламска држава“.
Кон крајот на јануари, американската војска објави дека го убила Мохамад Салах ал Забер, висок претставник на „Хурас ал-Дин“. „Хурас ад-Дин“ тогаш најави дека ќе се распушти, со образложение дека оваа одлука ја носи затоа што паднал режимот на Башар ал Асад. Групата е на американската листа на терористички организации.
Новите власти на Сирија веќе изјавија дека сакаат сите групи да се распуштат.
„Хурас ад-Дин“, во кој има странски борци, е сместен во планинските области на северозападна Сирија.