Фото/Илустрција: Пиксабеј

САД очекуваат ирански напад врз Израел, но таков што нема да биде доволно голем за да го вовлече Вашингтон во војна, изјави доцна синоќа американски претставник, а пренесе МИА.

Белата куќа претходно соопшти дека Вашингтон не сака ескалација на конфликтот на Блискиот Исток и дека САД му кажале на Иран дека не биле вклучени во воздушниот напад врз иранскиот воен командант во Дамаск.

Белата куќа соопшти дека го предупредила Иран да не го користи нападот како изговор за натамошна ескалација во регионот.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант вчера изјави дека Израел директно ќе одговори на секој ирански напад.

– Директен ирански напад ќе бара соодветен израелски одговор, му соопшти Галант на американскиот секретар за одбрана Лојд Остин – пренесуваат од неговата канцеларија.

Пентагон соопшти дека двајцата министри разговарале за „цврстата“ посветеност на САД за безбедноста на Израел против заканите од Иран и неговите полномошници.

– Повторувајќи ја недвосмислената порака на претседателот Бајден до израелскиот премиер Нетанјаху, секретарот Остин го увери министерот Галант дека Израел може да смета на целосна американска поддршка во одбраната на Израел од иранските напади, на кои Техеран јавно се закани – соопшти Пентагон.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој телефонски разговараше со своите колеги од Кина, Турција и Саудиска Арабија, ги повика да извршат притисок врз Иран за да го одвратат од каков било напад врз Израел, соопшти Стејт департментот.

– Ескалација во регионот не е во ничиј интерес и сите земји треба да го охрабрат Иран да не ескалира – изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.

Блинкен телефонски разговараше и со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант за да ја повтори цврстата поддршка за Израел наспроти тие закани, додаде Милер.

Иран му сигнализираше на Вашингтон дека ќе одговори на израелскиот напад врз неговата амбасада во Дамаск, на начин што ќе избегне ескалација и нема да дејствува набрзина.

Пораката на Иран на САД им ја пренесе министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан за време на посетата на Оман во неделата.

Оман честопати дејствуваше како посредник меѓу двете непријателски земји.