Фото: Твитер/Лојд Остин

Соединетите Американски Држави ќе ги превртат небото и земјата за да ѝ помогнат на Украина, изјави американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, пред четириесетина земји собрани во Германија за зајакнување на одбранбените капацитети на Украина.

– Украина јасно верува дека може да победи, а исто така и сите овде – рече Остин на отворањето на состанокот инициран од Вашингтон во воздухопловната база „Рамштајн“ во западна Германија.

Во базата се собраа претставници на четириесетина земји, меѓу кои и Германија, која објави дека одобрила испраќање тенкови во Киев, што е голема пресвртница во досегашната многу претпазлива политика на Берлин, пренесуваат медиумите.

– Имајќи предвид дека Русија сака целосна контрола врз јужна Украина и Донбас, можеме да направиме повеќе преку нашата одбранбена индустриска база за да продолжиме да ѝ помагаме на Украина да се одбрани на уште поефективен начин – рече Остин.

– Ќе ги превртиме небото и земјата за да им помогнеме – додаде тој.

Остин во неделата го посети Киев, каде што се состана со украинскиот претседател Володимир Зеленски, заедно со државниот секретар Антони Блинкен. САД испраќаат најмногу воена помош за Украина и сакаат да убедат што е можно повеќе земји да го следат примерот, анализираат медиумите.

– На Украина ѝ треба нашата помош за да победи, а ќе и треба и кога војната ќе заврши – рече Остин.

Средбата не се одржува во рамките на НАТО иако е присутен нејзин претставник. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, го откажа учеството поради здравствени причини. Меѓу учесниците има претставници на Австралија и Јапонија, како и Финска и Шведска.