Фото: Пиксабеј

„Форин аферс“: Планот за Украина да ги вклучи руските интереси

Американскиот магазин „Форин аферс“ пишува дека „Западот мора да подготви политички план за решавање на украинската криза што ќе ги земе предвид интересите на Русија“.
Според авторот на статијата, САД и европските сојузници треба да преземат иницијатива, бидејќи „исцрпувачкиот конфликт“ ќе предизвика непоправлива штета не само на Украина туку и на западните земји. „Форин аферс“ пишува дека „Западот мора да формулира основен политички концепт што ќе ја елиминира желбата на Украина и нејзините најверни поддржувачи да ја поразат или неутрализираат Русија“.
Во ставот на американскиот магазин „Форин аферс“ се критикува сегашниот пристап на Западот за одолжување на конфликтот, нарекувајќи го „многу ризичен“, бидејќи тоа многу им штети на Украинците.

– Дури и сега, Киев ја одржува својата егзистенција исклучиво на сметка на милијардите обезбедени од Соединетите Американски Држави и Европа. Но треба да се разбере дека финансиските трошоци за непријателствата само ќе растат – предупреди авторот.
Како што е наведено во „Форин аферс“, „за да се постигне мир, Западот треба да обезбеди безбедносни гаранции за Москва“, имајќи го предвид почитувањето на суверенитетот и интегритетот на Русија.
– Концептот е да се осигури дека западните влади го препознаваат и почитуваат руското раководство. Можеби е неопходно, колку и да звучи малку веројатно, да се создаде некаква структура надвор од НАТО што ќе ѝ обезбеди на Русија место во европската безбедносна архитектура. Покрај тоа, неопходно е да се развие распоред за враќање на замрзнатите руски средства. Патот до мирно решение е исто така нераскинливо поврзан со постепено укинување на економските санкции – е нагласено во ставот напишан во американскиот магазин „Форин аферс“.