Генералниот секретар на НАТО Марк Руте вчера ги повика Европејците да трошат повеќе за одбрана, велејќи дека во спротивно ќе треба да научат руски јазик или да одат во Нов Зеланд.
-Ако не го направите тоа, земете курс по руски јазик или одете во Нов Зеланд – рече Руте на дебата на заедничката средба на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент, Поткомитетот за одбрана и безбедност и парламентарната делегација за односи со НАТО.
Руте истакна дека Европа мора да инвестира повеќе во одбранбените капацитети, да ја зајакне отпорноста и да продолжи да и помага на Украина.
-Ние знаеме како да ги заштитиме нашите граѓани и европскиот начин на живот, сега само треба да го направиме тоа – рече Руте.
Тој додаде дека сегашната цел да се издвојат два проценти за одбраната не е ни приближно доволна.
-За да останат безбедни, сојузниците ќе треба да трошат значително повеќе за одбрана – рече Руте, додавајќи дека тој ќе треба да биде над три проценти од БДП, околу 3,6 или 3,7 проценти.
Тој предупреди дека иднината на Европа зависи од исходот на војната во Украина.
-Сакаме траен мир. Ако Путин ја постигне својата цел, мирот нема да трае. Во моментов сме безбедни, но можеби нема да бидеме за пет години – изјави Руте.