Фото: Принт-скрин

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека нема збор за создавање демилитаризирана зона околу нуклеарната централа „Запорожје“. Русија смета дека сите земји треба да извршат притисок врз Украина да престане да ја гранатира нуклеарната централа „Запорожје“, додаде тој.

– Воената тензија може да се намали со притисок врз украинската страна да престане да ја гранатира оваа и блиската територија – рече Песков.

Портпаролот на Кремљ кажа дека на територијата под нејзина контрола Русија ќе ја осигури сета потребна безбедност за делегацијата на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), предводена од генералниот директор Рафаел Гроси,а која неделава треба да пристигне во посета на нуклеарната централа.

– На делот од територијата што ја контролира Русија, секако, таму (во нуклеарната централа „Запорожје“) ќе биде осигурена сета безбедност на потребното ниво, имајќи ги предвид ризиците што постојано доминираат и се поврзани со непрекинатото гранатирање на оваа територија од украинска страна – рече Песков.

Како што прецизираше, мисијата на МААЕ ќе пристигне на територијата на нуклеарната електрана „Запорожје“ преку зоната контролирана од Киев.

– Како што разбрав, Украинците ќе обезбедат безбедност таму – додаде Песков.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, претходно изјави дека „проблемот ќе биде решен“ доколку се дозволи демилитаризација на нуклеарната централа „Запорожје“.

Од Белата куќа денеска изјавија дека Русија треба да прифати создавање демилитаризирана зона околу нуклеарната централа „Запорожје“, во која се пука, а за што Русија и Украина се обвинуваат една со друга.

Џон Кирби, претставник на Советот за национална безбедност во Белата куќа, изјави синоќа дека администрацијата на Бајден поддржува инспекција на Меѓународната агенција за атомска енергија на нуклеарната централа во Запорожје.

Според Кирби, контролираното гасење на работата на централата би била најбезбедната варијанта.

Русија ја презеде нуклеарната централа во март и оттогаш таа не под контрола на руската војска, но таа продолжува да биде управувана од украински техничари и специјалисти од украинската компанија „Енергоатом“.