Фото: Кремљ

Русија соопшти дека стратешките безбедносни прашања, вклучително и оружјето во вселената, се главна потенцијална област за дијалог со САД.

САД планираат да предложат резолуција до Советот за безбедност на Обединетите нации следната недела за забрана на нуклеарното оружје во вселената, два месеци откако американски извори соопштија дека Вашингтон има нови разузнавачки информации за руските нуклеарни способности и обидите да развие вселенско оружје. Москва ги негираше ваквите наводи.

– Главната потенцијална област за дијалог меѓу САД и Русија се прашањата поврзани со стратешката безбедност, што го вклучува и вселенското прашање – рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, запрашан за нацрт-резолуцијата.

Односите меѓу САД и Русија значително се влошија по руската инвазија на Украина во 2022 година.

Русија и САД, двете најголеми нуклеарни сили, изразија жалење поради падот на договорот за контрола на оружјето, чија цел е да се намали ризикот од нуклеарна војна. Последниот договор за ограничување на бројот на стратешки нуклеарни боеви глави од двете страни истекува во 2026 година.

Претседателот на Русија, Владимир Путин инсистира дека Москва ќе разговара за контролата на оружјето само како дел од поширок пакет прашања поврзани со безбедноста на Русија, вклучително и нејзината загриженост за проширувањето на НАТО и западната поддршка за Украина.