Фото: Пиксабеј

Процесот на развој на напредни технологии и вештини за подморничко војување се координира во т.н. Работна група за подморничко војување. АУКУС има амбиција да донесе „нови напредни способности на трите морнарици“ уште годинава

ВО ТРИЛАТЕРАЛНИОТ СОЈУЗ МЕЃУ АВСТРАЛИЈА, БРИТАНИЈА И САД (АУКУС) СЕ РАЗВИВААТ ТЕХНОЛОГИИ И ВЕШТИНИ ЗА ПОДМОРНИЧКО ВОЈУВАЊЕ

Според американскиот специјализиран медиум „Дифенс њуз“, во трилатералниот сојуз меѓу Австралија, Британија и САД, скратено наречен со акронимот АУКУС, „се интензивира користењето напредни технологии за развој на подморничките сили“. Имено, според анализата во споменатиот специјализиран медиум, се констатира дека „иако на подморничкиот дел од трилатералната алијанса АУКУС ќе му требаат децении за плановите да бидат реализирани целосно, практикувањето на напредната технологија за да се развива воениот подморнички потенцијал, според предвидениот договор, е во полн ек“!
Во исто време, медиумот посочува дека „Австралија, Велика Британија и САД бараат брзи напредувања за нивните флоти“.
Анализата во специјализираниот медиум го издвојува и т.н. Столб 2 од договорот на АУКУС. Тој се фокусира на „напредна технологија што земјите членки можат да ја развиваат и користат заеднички“. Во тој контекст, во анализата се споменува дека „постојат осум работни групи фокусирани на кибернетика, квантна, вештачка интелигенција, електронско војување, хиперсоника, подморничка војна, споделување информации и иновации“, вклучувајќи и дека секоја од нив има своја „листа на идеи што треба брзо да се тестираат и да им се достават на операторите“.
„Дифенс њуз“ пишува дека сиот овој процес се координира во т.н. Работна група за подморничко војување и дека имаат намера да донесат „нови напредни способности на трите морнарици“ уште годинава. Ден Пакер, директор во АУКУС и лидер на оперативната група на САД за т.н. подморничка војна, во јавноста деновиве изјави дека Работната група „има четири тежишни линии на ангажмани: напредни лансирања на торпедо во пакет со развивање мали беспилотни возила за под вода; развивање напредни способности за војување подморници на морското/океанското дно; вештачка интелигенција; како и нови начини за одбрана на платформата“.

АУКУС де факто ја има и Јапонија во пактот

Велика Британија, Соединетите Американски Држави и Австралија (АУКУС) размислуваат за соработка со Јапонија за напреден заеднички проекти за развивање на воените капацитети, токму преку нивниот безбедносен пакт – АУКУС. На оваа тема во неколку наврати интензивно разговарале американскиот претседател Џо Бајден и јапонскиот премиер Фумио Кишида. Според пишувања на повеќе безбедносни аналитичари, АУКУС е т.н. „западен одговор на надоаѓачката моќ на Кина во Индопацифичкиот Регион“. Според пишувањата на воените аналитичари, не се предвидува Јапонија да биде вклучена во т.н. прв столб на АУКУС, имено за „соработка на планот на испорачување јуришни подморници на нуклеарен погон“. Туку се планира да биде брзо вклучена во т.н. втор столб на АУКУС, имено во делот што е насочен кон „обезбедување напредни способности и технологии за споделување во низа области, вклучувајќи квантно пресметување, хиперсонично оружје и одбрана, вселенско војување, поврзување меѓудржавни системи, вештачка интелигенција и кибернетичка технологија“. Х.И.


Амбициозниот АУКУС

Да потсетиме, по формирањето на сојузот/пактот АУКУС во септември 2021 година, Австралија најави изградба на сопствена флота на нуклеарни подморници, потпирајќи се на американската и британската технологија, еднострано укинувајќи го претходниот договор за изградба и купување француски подморници, што предизвика големи тензија меѓу Париз и Канбера, но и меѓу Франција и САД. Но, во меѓувреме, со усложнувањето на светската геополитичка криза (отворање неколку светски сериозни воени жаришта), се смирија страстите, а Франција повторно ги нормализира односите со својот далечен индопацифички партнер и трансатлантски сојузник, имено Австралија и САД. Австралија планира да набави најмалку осум нуклеарни подморници, како и да ги опреми своите вооружени сили со американски крстосувачки ракети.