Тајванскиот мореуз е меѓународен пловен пат и Владата во Тајпеј го поддржува присуството на американските воени бродови, соопштија од Министерството за надворешни работи на Тајван. Министерството на надворешни работи на Кина, во понеделникот, објави дека „Кина има суверенитет и јурисдикција над тајванскиот мореуз“.
– Лажни се тврдењата кога одредени земји Тајванскиот мореуз го нарекуваат „територијални води“, за да го користат како изговор за манипулација на прашањата поврзани за Тајван и за загрозување на суверенитетот и безбедноста на Кина – изјави Ванг Венбин, портпарол на кинеското министерство за надворешни работи.
Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс, во е-пошта до „Ројтерс“ изјави дека „Тајванскиот мореуз е меѓународен воден пат, што значи дека тоа е област каде што слободите на отворено море, вклучувајќи ги и слободата на навигација и летот, се загарантирани со меѓународното право“.
– Светот има траен интерес за мир и стабилност во Тајванско Море и веруваме дека тоа е клучно за безбедноста и просперитетот на поширокиот Индопацифички Регион – додаде Прајс.
Тој ја повтори загриженоста на САД поради „агресивната реторика на Кина и принудната акција против Тајван“ и рече дека САД „ќе продолжат да летаат, пловат и да дејствуваат секаде каде што дозволува меѓународното право, вклучувајќи и транзит низ Тајванскиот мореуз“.
Тајванскиот мореуз беше чест извор на воени тензии, а последните години американските воени бродови и други НАТО-сојузници, како Велика Британија и Канада, пловеа низ овој мореуз.