Претседателот на грузискиот парламент Шалва Папуашвили денеска го осуди собирот на опозицијата одржан во понеделникот во главниот град Тбилиси во знак на протест против изборните резултати, нарекувајќи го „приказ на лаги, потчинување и безредие“.
– Опозицијата се обидува да ја прикаже војната како мир, лажните наративи како вистина, а предавството како патриотизам во името на Европа – рече тој.
На собирот, одржан во центарот на Тбилиси, учесниците ги прогласија изборите на 26 октомври за „наместени“, пренесува грузискиот јавен сервис ТВ1. На протестите присуствуваше делегација европски парламентарци кои ја повикаа грузиската јавност да се „бори против украдените избори“ и да се залага за европската иднина на земјата.
Сепак, претставници на владејачката партија Грузиски сон ги критикуваа европските парламентарци, нарекувајќи ги „политички пристрасни“ и обвинувајќи ги дека „сеат хаос во името на Европската унија“. Тие одбија да се сретнат со делегација на високи пратеници што ги претставуваат осумте земји на ЕУ и реагираа со презир на нивната посета на Тбилиси на 11 ноември, за која тврдеа дека главно имала за цел да ја поддржи опозицијата и затоа претставувала мешање во внатрешните работи на земјата.
Еднодневната посета на високи претставници од Германија, Франција, Полска, Литванија, Латвија, Естонија, Шведска и Финска следеше неколку недели по изборите на 26 октомври.
Премиерот Иракли Кобахиџе, кој престојува во Баку на Конференцијата на ОН за климатски промени, рече дека „за жал, духот на посетата не им служи на националните интереси на нашата земја“. Тој обвини „некои членови“ на делегацијата за мешање во изборната кампања во Грузија и кршење на изборните принципи, истакнувајќи дека тоа е причината поради која владата одбила да се сретне со нив. „Тоа не е односот што европскиот политичар треба да го има кон суверена земја“, изјави грузискиот премиер.