Односот помеѓу рускиот тајкун Евгениј Пригожин со неговиот долгогодишен сојузник, рускиот претседател Владимир Путин, навидум дојде до критична точка, откако основачот на платеничката група „Вагнер“ преку социјалните мрежи изрази загриженост и критики за војната во Украина, објавува „Њузвик“.
Пригожин кој е познат под прекарот „Готвачот на Путин“ поради договорите за кетеринг со Кремљ, со месеци ги испраќа т.н. „музиканти“ на „Вагнер“ во Бахмут во источна Украина, каде што се водат жестоки борби. Американскиот магазин наведува дека Пригожин е сметан за клучна личност во војната од страна на Кремљ.
Но, се смета оти односот на бизнисменот со Кремљ се смени кога тој ги изрази политичките амбиции, јавно напаѓајќи ги рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу и командантот на здружените сили Валериј Герасимов. Се смета дека нарушувањето на односот е особено забележливо по заканите на Пригожин за повлекување на неговите војници од Бахмут поради, како што истакна, недостигот на муниција.
Политичката аналитичарка Татјана Становаја од „Центарот Карнеги за Русија и Евроазија“ посочува дека низата видеоснимки во кои се појавува Пригожин покажуваат оти тој нема директен контакт со Путин.
– Единствениот начин да го изрази неговото незадоволство и гнев е да се обрати на јавноста. Затоа мора да објавува толку многу видеа каде што покажува колку е жесток и како нештата тргнале погрешно, колку му е тешко нему и на неговите борци – вели Становаја во изјава за „Њузвик“.
Експертот за посткомунистичката трансформација на Источна Европа и на поранешниот СССР од Универзитетот Оксфорд, Влад Михненко, наведува дека ситуацијата се сменила откако Кремљ увидел дека Пригожин има големи политички амбиции.
– Главната активност на Пригожин за време на конфликтот е обидот за искористување на војната и за собирање на ресурси во Русија, за да добие официјална владина позиција или голема политичка улога, односно да ги претвори воените ресурси во економски и политички придобивки во Русија – смета Михненко.
Оттогаш, Кремљ почнал да го „менаџира“ Пригожин и да го сузбива неговото влијание, како што додава Михненко, додека Становаја истакнува оти Пригожин одлучил дека е „подобар од државата и дека може да ѝ се спротивстави“.
Истовремено, украинската армија денеска соопшти дека принудила руска пешадиска бригада да се повлече од областа кај Бахмут, потврдувајќи ја неодамнешната изјава на лидерот на „Вагнер“ дека руските сили побегнале.
Москва не ги коментираше извештаите на ниту една од страните дека 72-та посебна моторизирана стрелачка бригада ги напуштила своите позиции во југозападните предградија на Бахмут.
Руското Министерство за одбрана не одговори на барањето на некои агенции за коментар, а светските агенции истакнуваат дека не можат независно да ја потврдат ситуацијата на теренот. Руската бригада обично брои неколку илјади војници.