Фото: Охридско лето

Руско-Германскиот пијанист Александер Мелников вечерва ќе настапи во рамки на музичката програма на „Охридско лето“. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Фото: Охридско лето

Александер Мелников студиите ги завршува на Московскиот конзерваториум во класата на Лев Наумов, а уште на рана возраст лично го запознава Свјатослав Рихтер, кој подоцна редовно го поканува на неговите фестивали во Русија и во Франција. Мелников е добитник на бројни награди и признанија, меѓу кои и на Интернационалниот натпревар „Р. Шуман“ во Цвикау (1989) и на престижниот конкурс „Кралица Елизабета“ во Брисел (1991).

Како солист, има остварено настапи со светски познати оркестри и ансамбли, меѓу кои: оркестарот „Концертгебау“ во Амстердам, „Гевандхаус“ оркестарот во Лајпциг, Симфонискиот оркестар на Филаделфија, оркестарот НДР во Елбфилхармонијата во Хамбург, Радиооркестарот во Минхен, филхармониите во Минхен и во Ротердам и Оркестарот Би-би-си во Лондон под диригентските палки на меѓу останатите: Михаил Плетњов, Теодор Куренцис, Шарл Дутоа, Пааво Јерви, Томас Даусгард, Максим Емелјаничев и Владимир Јуровски.

Особено активен на полето на камерната музика, Мелников настапува во пијано дуо со Андреас Штајер, редовно концертира со виолончелистот Жан-Гијен Кејрас и е долгогодишен дуо партнер на реномираната виолинистка Изабел Фауст, со која се добитници на наградата „Грамафон“ и се номинирани за наградата „Греми“. Заеднички ова дуо го снима целиот опус на сонати за виолина и пијано на Л. В. Бетовен за издавачката куќа „Хармонија мунди“, а исто така продолжуваат во опсежни проекти снимајќи ги сите сонати за виолина и пијано на Брамс (издадени во 2015) и на Моцарт (изданија промовирани во 2018 и 2021 година).

Соло изданието на Мелников на „Прелудиуми и фуги“ од Д. Шостакович е вброено во листата на „50 највлијателни снимки на сите времиња“ од страна на списанието „Би-би-си Мјузик“.