Дмитриј Песков/Фото: Кремљ

Кремљ денес не сакаше да одговори на медиумските шпекулации за судбината на заменик командантот на руските сили во Украина, генерал Сергеј Суровикин, додавајќи дека тоа е работа на Министерството за одбрана.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги упати новинарите до Министерството за одбрана, кое засега не објави ништо за Суровикин.

Запрашан дали Суровикин сè уште ја има довербата на Путин, Песков рече дека претседателот, како врховен командант на вооружените сили на Русија, работел со министерот за одбрана и началникот на Генералштабот.

Исто така, тој додаде дека нема информации за тоа каде се наоѓа сега Евгениј Пригожин.

Статусот и локацијата на Суровикин не се објавени по неуспешниот вооружен бунт на платениците во саботата.

Рускиот печат го нарече „Генерал Армагедон“ поради неговата агресивна тактика во сирискиот конфликт.

Суровикин е отсутен од саботата, кога се појави во видео во кое се обраќа на водачот на „Вагнер“ Евгениј Пригожин, да го запре бунтот.

На таа снимка тој изгледал исцрпено и прва забелешка било дека тој зборува под принуда. Оттогаш има непотврдени информации дека е испрашуван од безбедносните служби на Кремљ.