Фото: Твитер / Претседател на Перу

Претседателката на Перу, Дина Болуарте рано утринава одговори на барањата на демонстрантите и во телевизиско обраќање најави дека ќе испрати предлог до Конгресот изборите да се одржат во април 2024 година.

Одлуката на Болуарте беше објавена поради илјадниците демонстрации кои се одржуваат во Перу, на кои учесниците бараат таа да поднесе оставка и да се распишат избори за избор на нов претседател и нов законодавен дом.

Стотици луѓе протестираа во главниот град Лима, а полицијата употреби солзавец за да ги растера. Двајца тинејџери се убиени, а четири лица се ранети.

Минатата недела, новата претседателка Болуарте положи заклетва откако поранешниот претседател Педро Кастиљо беше симнат од власт од Парламентот и уапсен поради обидот да го распушти Законодавниот дом, за да спречи постапка за импичмент против него.

Демонстрантите, од кои многумина се поддржувачи на Кастиљо, со денови повикуваат во Перу да се одржат избори наместо да се дозволи Болварте да остане на власт до крајот на мандатот на Кастиљо во 2026 година. Некои од демонстрантите повикаа и на распуштање на Парламентот.

Народниот правобранител на Перу, Елиана Револар изјави за локална радио станица дека двајца млади на возраст од 15 и 18 години, загинале за време на судирите со полицијата во градот Андахуајлас во регионот Апуримак на Андите, „веројатно како резултат на прострелни рани“.

Балтазар Лантарон, гувернер на Апуримал, изјави дека има извештаи за четворица ранети лица кои добиле медицинска помош.

Од канцеларијата на Народниот правобранител известија и дека двајца полицајци со часови биле заробени од демонстрантите, но подоцна биле ослободени.

За време на судирите во саботата беа повредени 16 цивили и четворица полицајци.