фото: Пиксалс

Одгледувањето опиум во Авганистан се зголеми за 32 отсто во 2022 година откако талибанците ја презедоа власта, јави ДПА, повикувајќи се на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал.

Ова се случува и покрај забраната за наркотици наметната од талибанците. Во годишниот извештај на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал се вели дека цените на опиумот исто така пораснале откако Талибанците го забранија одгледувањето опиум во април.

Реколтата од мак во 2022 година беше и „најпрофитабилна во последните години“. Приходите на фармерите се зголемени за повеќе од три пати, од 425 милиони долари во 2021 година на 1,4 милијарди долари оваа година.

Годинешната жетва во голема мера го заобиколи декретот, додаваат од Канцеларијата на ОН. Не е сигурно каква забрана ќе воведат талибанците следната година. Опиумот е главната состојка што се користи за производство на уличната дрога хероин, како и опиоидите на кои милиони луѓе ширум светот се потпираат како лекови против болки. Авганистан е најголемиот светски извор на опијати на црниот пазар.

Одгледувањето опиум е од суштинско значење за многу авганистански земјоделци, кои на тој начин преживуваат со оглед на тоа што земјата со децении трпи конфликти, тешка суша и глад.

– Земјоделците во Авганистан се заробени во недозволената опијатна економија. Меѓународната заедница мора да работи на решавање на акутните потреби на авганистанскиот народ – изјави извршниот директор на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал, Гада Вали.