Фото: Пиксабеј

Релативно мирна ноќ, во споредба со изминатите денови, поминаа жителите на Санторини и околните острови со оглед на тоа што не беа регистрирани силни земјотреси, меѓутоа претпладнево за помалку од еден час имаше серија земјотреси со јачина од над четири степени – јави дописничката на МИА од Атина.

Во морскиот дел меѓу островите Санторини и Аморгос во периодот од 10.36 часот до 11.24 по локално време беа регистрирани седум потреси меѓу 4,1 и 4,9 степени.

Во текот на денешниот ден состанок ќе одржат надлежните комисии во Министерството за цивилна заштита и климатски кризи на Грција за да ги разгледаат актуелните мерки, а главниот дел се однесува на училиштата на Санторини и соседните острови Иос, Аморгос и Анафи кои минатата седмица беа затворени и ќе треба да се донесе одлука дали ќе се продолжи мерката или од понеделник ќе се отворат.

Поради зголемената сеизмичка активност од четвртокот на Санторини е прогласена вонредна состојба до 3 март годинава, а од општина објаснија дека станува збор за „чисто административна одлука со цел забрзување на потребните процедури за преземање итни и ефективни мерки“.

На островот вчера беше грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој порача дека „целиот државен механизам е мобилизиран“ и уште еднаш им препорача на граѓаните да бидат смирени, а се осврна и на туризмот со оглед на тоа што Санторини е популарна туристичка дестинација, посочи дека „имаат должност да ја заштитат, да ја зачуваат репутација и да бидат сигурни дека 2025 година исто така ќе биде одлична година за туризмот на Санторини“.

– Затоа, во нашата јавна комуникација, треба да балансираме меѓу потребата да бидеме присутни и да дејствуваме превентивно, без, сепак, истовремено да репродуцираме катастрофални сценарија, кои потенцијално може да исплашат некои посетители. Драго ми е што велите дека засега не постои никаква таква индикација и ќе се бориме да продолжиме по оваа линија, со добра надеж дека појавата ќе стивне и многу брзо ќе можеме да се вратиме во нашата нормалност – рече Мицотакис.

Интензивните земјотреси на Санторини започнаа во неделата, додека според процените во Грција, во изминатите денови островот го напуштиле над 10.000 лица, а пред сè станува збор за работници кои на Санторини се во пресрет на новата туристичка сезона, но и локално население.