Никој од „Вагнер“ сè уште не го посетил напуштениот воен камп што белорускиот претседател Александар Лукашенко го понуди за користење на таа приватна руска воена компанија, изјави денеска Леонид Касински, советник на министерот за одбрана на Белорусија.
На новинарско прашање дали „Вагнер“ дошол да ја разгледа локацијата, Касински рече „не дојдоа, не погледнаа“, пренесува „Ројтерс“.
Лукашенко претходно изјави дека Белорусија му понудила на „Вагнер“ напуштени воени кампови од советската ера, но додаде дека групата има „поинаква визија за распоредување“.
Тој вчера изјави дека шефот на паравоената група, Евгениј Пригожин, не е во Белорусија, туку е во Санкт Петербург, Русија.
Сепак, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека Москва нема информации за моментната локација на основачот на паравоената група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, пренесува ТАСС.
– Не можам да кажам ништо, немаме никакви информации за тоа. Немам што да додадам на она што го кажавме претходно – рече Песков.