Најмалку десет лица го загубија животот викендот откако делови од југоисточниот дел на САД беа зафатени од поројни дождови, поплавувајќи патишта и куќи.
Кентаки, Џорџија, Алабама, Мисисипи, Тенеси, Вирџинија, Западна Вирџинија и Северна Каролина беа под разни предупредувања за поплави и бури дадени од Националната метереолошка служба.
Гувернерот на Кентаки, Енди Бешир, изјави дека во Кентаки животот го загубиле девет лица. Тој на брифингот синоќа посочи дека вкупниот број може да е поголем. Околу 1.000 луѓе вчера биле заробени од надојдените води, многумина биле спасени додека седеле во своите автомобили. Бешир ги предупреди жителите „да ги напуштат патиштата веднаш ако сакаат да останат живи“.
Во Џорџија беше регистриран десеттиот смртен случај, откако човек кој лежел во својот кревет бил удрен од откорнато дрво што паднало врз неговиот дом.
Многу од овие осум држави претрпеа катастрофална штета од ураганот Хелен во септември.
Околу 400.000 луѓе останале без струја вчера попладне, според poweroutage.us.
Во Кентаки, каде имаше најголем број жртви и најмногу уништена сопственост, меѓу загинатите беа мајка и нејзиното седумгодишно дете, како и 73-годишен маж.
Во некои делови на Кентаки наврнале до 15 кубни сантимери дожд, јавија од Националната метереолошка служба, што предизвикало надојдени реки, поплавени патишта и возила заглавени во длабоките вирови. Стотици патни правци се блокирани.