Фото: принтскрин/Твитер/ Илустрација

Руските сили денеска ракетираат супермаркет во украинскиот град Костјантиновка, во регионот на Доњецк. Нападот бил извршен додека во продавницата имало многу луѓе. На социјалните мрежи се шират снимки од нападот.

Најмалку 10 лица загинаа, а повеќе од 35 се ранети, соопшти Украинската канцеларија за вонредни ситуации. Се стравува дека под урнатините на продавницата има повеќе луѓе.

Украинските власти најавија дека ги утврдуваат сите последици од нападот.

– Нападот на супермаркетот во Костијантинивка е уште еден пример за руски терор. Сè што можат да направат е да убиваат цивили – објави на Телеграм Андриј Јермак, шеф на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

За ракетниот напад реагираше и самиот Зеленски, кој напиша дека многу луѓе се заробени под урнатините, додавајќи дека спасувачките служби „ќе направат сѐ за да ги извлечат“.

Антон Герашченко, советник во украинското Министерство за внатрешни работи, на мрежата Х напиша дека жена од Костјантиновка изјавила дека нејзината десетгодишна ќерка и деверот биле во супермаркетот во моментот на нападот и дека не се знае дали се живи.

Шефот на регионалната воена администрација изјави дека Русите го нападнале супермаркетот со ракета од типот Х-38.

Во нападот се оштетени девет продавници, пошта, девет приватни куќи, 12 изложбени павилјони и 12 автомобили.