Очите на светската јавност се фокусирани на официјалните разговори меѓу лидерите на двете пријателски земји, што треба да се одржат денеска / Фото: ЕПА

Пред почетокот на посетата на кинескиот претседател на Москва се огласи и рускиот претседател Путин, кој рече дека Русија е подготвена да најде „политичко и дипломатско решение“ за украинското прашање и ја цени „добро избалансираната“ позиција на Кина по ова прашање. И Кина постојано нагласува дека Пекинг „игра конструктивна улога“ во решавањето на украинската криза. Притоа се посочува дека на 24 февруари кинеското министерство за надворешни работи објави документ од 12 точки за политичко решение на украинската криза. Каква димензија, според меѓународните експерти, ќе добие во јавноста нареченото „патување на пријателство, соработка и мир“?

Кинескиот претседател Си Џинпинг ја започна посетата на Москва

Кинескиот претседател Си Џинпинг допатува во тридневна официјална посета на Москва, во рамките на „патувањето на пријателство, соработка и мир“, што е негова прва посета на странска земја откако беше избран по третпат за претседател на Кина, а исто така прва посета на Русија од почетокот на руско-украинскиот конфликт во февруари 2022 година. Веднаш откако неговиот авион слета на аеродромот „Внуково“, каде што беше пречекан со највисоки почести, кинескиот лидер изјави дека е уверен дека неговата посета ќе биде плодна.
– Кина и Русија се добри соседи и доверливи партнери, кои ги поврзуваат планините и реките. Сигурен сум дека мојата посета ќе биде плодна и ќе даде нов поттик за здрав и стабилен развој на кинеско-руските односи – рече Си Џинпинг.
Посетата добива посебно значење бидејќи доаѓа неколку недели откако Пекинг го претстави документот од 12 точки, во кој се повикува на прекин на огнот во руско-украинската војна, и неколку дена по посредувањето за изненадувачкото зближување меѓу долгогодишните непријатели на Блискиот Исток, Саудиска Арабија и Иран.
Според руски извори, се очекува посетата да ги постави основите за развој на кинеско-руските односи во следните пет години и да го продлабочи меѓусебното разбирање на Москва и Пекинг за важни меѓународни и регионални прашања.
Како што соопшти кинеското министерство за надворешни работи, лидерите ќе разговараат за кинеско-руското сеопфатно стратегиско партнерство, ќе разменат мислења за важни меѓународни и регионални работи и ќе ја промовираат соработката меѓу двете земји.
Портпаролот на кинеското МНР, Ванг Венбин, претходно најави дека посетата на Си на Москва дополнително ќе ги продлабочи меѓусебната доверба и разбирање на двете земји, нагласувајќи дека тоа ќе биде и патување насочено кон зајакнување на мирот.
Интересно е дека американскиот медиум „Волстрит журнал“, повикувајќи се на свои извори, објави дека по посетата на Москва, Си Џинпинг би можел да одржи онлајн средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски. Кина постојано нагласува дека Пекинг „игра конструктивна улога“ во решавањето на украинската криза. Притоа се укажува дека на 24 февруари кинеското министерство за надворешни работи објави документ од 12 точки за политичко решение на украинската криза.

Предвидено е тридневната посета да содржи разговори еден на еден со рускиот претседател Владимир Путин, човек што кинескиот лидер го опиша како „најдобар пријател“. Во тие рамки, повеќето набљудувачи велат дека државната посета на Си е повеќе за зацврстување на партнерството „без граници“ што тој го најави со Путин минатата година, отколку за посредување за мир во Украина. Тоа е затоа што, за почеток, ниту една од завојуваните страни не изгледа подготвено или дека сака да ги прекине борбите.
Сепак, во текст во рускиот весник „Росискаја газета“, Си повика на „рационален начин“ за излез од украинскиот конфликт и рече дека позицискиот документ на Кина „служи како конструктивен фактор за неутрализирање на последиците од кризата и промовирање политичко решение“.
Во тие рамки, аналитичарите заклучуваат дека и покрај длабокиот скептицизам на Западот за способноста на Кина да биде неутрален посредник во конфликтот Русија – Украина, се чини дека е во подобра позиција од повеќето земји да ја одигра ролјата на мировен посредник. На крајот од краиштата, се потенцира, Кина е најважниот сојузник на Русија. И додека се придржуваше до западните санкции и се воздржуваше од воена помош на Москва, Пекинг ги задржа нормалните трговски врски, заменувајќи ја Германија како најголем увозник на руска нафта минатата година. Билатералната трговија во несанкционираните сектори исто така се зголеми, достигнувајќи рекордни 190 милијарди долари минатата година.
Пред почетокот на посетата на кинескиот претседател на Москва, се огласи и рускиот претседател Путин, кој рече дека Русија е подготвена да најде „политичко и дипломатско решение“ за украинското прашање и ја цени „добро избалансираната“ позиција на Кина по ова прашање.
Москва ја поздравува „подготвеноста на Пекинг значително да придонесе за решавање на кризата“, рече Путин во написот објавен од кинескиот весник „Пиплс дејли“, ден пред посетата на претседателот Си Џинпинг на Москва.
– Русија е отворена за политичко и дипломатско решение на украинската криза. Не беше Русија таа што ги прекина мировните преговори во април 2022 година – рече Путин.
Тој смета дека иднината на мировниот процес зависи исклучиво од волјата за вклученост во значајна дискусија, имајќи ја предвид актуелната геополитичка реалност.


Летот на кинескиот претседател до Москва беше најследен во светот

Авионот на кинескиот претседател Си Џинпинг вчера слета на меѓународниот аеродром „Внуково“ во Москва, а самиот лет предизвика голем интерес. Летот на „боинг 747“ го следеа во живо повеќе од 81.000 луѓе на веб-страницата „Флајтрадар24“, што го направи најследен лет во светот.
Си главно користи комерцијален „боинг“ изнајмен од „Ер Чајна“ за патувања на долги релации.


Медведев: Последиците ќе бидат монструозни

Поранешниот руски претседател и актуелен втор човек во рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, зборуваше за Меѓународниот кривичен суд (МКС), кој во петокот издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин, обвинувајќи го дека е одговорен за воените злосторства во Украина.
„Тие одлучија да му судат на претседателот на нуклеарна сила што не учествува во МКС по истите основи како САД и другите земји. Последиците за меѓународното право ќе бидат монструозни“, напиша Медведев на Телеграм.
Обвинувајќи го судот за крајна неефикасност, но и некомпетентност, Медведев наведува дека судот го загубил авторитетот по американските мисии во Авганистан и Ирак и дека тогаш не се гонеле американските злосторства, а сега сакаат да му судат на „претседателот на друга нуклеарна сила“.
„Последиците за меѓународното право ќе бидат монструозни. На крајот од краиштата, ова е колапс на темелите, на принципите на правото“, пишува Медведев и додава: „Доаѓа мрачниот пад на целиот систем на меѓународни односи. Довербата исчезна“.

Подготвил: Mарјан Велевски